• сабота, 21 февруари 2026

Лиценцата за работа на НИС е продолжена до 20 февруари

Лиценцата за работа на НИС е продолжена до 20 февруари

Белград, 23 јануари 2026 (МИА) - Американското Министерство за финансии ја продолжи лиценцата за работа на Нафтената индустрија на Србија до 20 февруари,  јави РТС.

Во писмо до Министерството за финансии на Србија се наведуваат условите под кои е валидна лиценцата за работа - трансакциите да не вклучуваат американски субјекти или американскиот финансиски систем, ниту, директно или индиректно, кој било друг блокиран субјект, освен НИС.

Исто така, потребно е трансакциите да не вклучуваат никаква друга активност што е предмет на санкции во согласност со Правилникот за санкции поради штетни надворешнополитички активности на Русија, правилникот за санкции поврзани со Украина и Русија или правилникот на други американски власти овластени за воведување санкции.

Претходната лиценца за продолжување на работата, што компанијата НИС ја доби пред три недели, требаше да истече на полноќ.
НИС поднесе ново барање за продолжување, бидејќи прелиминарниот договор за купопродажба помеѓу „Гаспромњефт“ и МОЛ беше доставен до ОФАК, што беше и услов на американската администрација за нова дозвола за работа.

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека продолжувањето на лиценцата за работа на НИС е одлична вест за Србија и дека тоа значи дополнителна безбедност за граѓаните и српската економија. Во српскиот Парламент, на прес-конференција, Брнабиќ изјави дека продолжувањето на лиценцата значи дека сега НИС ќе може да работи, како и рафинеријата во Панчево. зш/ссм/
фото НИС/Сајт

Остани поврзан