• петок, 21 февруари 2025

Лидерот на туниската опозиција осуден на 22 години затвор за заговор против државата

Лидерот на туниската опозиција осуден на 22 години затвор за заговор против државата

Тунис, 5 февруари 2025 (МИА) - Суд во Тунис денеска го осуди лидерот на исламистичкото опозициско движење Енахда, Рашид Ганучи, на 22 години затвор под обвинение за заговор против државната безбедност, соопштија неговите адвокати.

Ганучи (83), поранешен претседател на парламентот, е еден од најгласните критичари на актуелниот претседател Каис Саид.

Тој беше уапсен во 2023 година и оттогаш е во притвор, потсетува ДПА.

Во истиот случај, судот му изрече затворска казна од 35 години и на поранешниот премиер Хишем Мешичи, кој побегна од земјата и му се судеше во отсуство, додаваат адвокатите.

Различни затворски казни беа изречени и на други обвинети, вклучувајќи ги и двата сина на Ганучи, неговиот зет, новинари и блогери.

Пресудите може да се обжалат.

Во 2021 година, Саид ја консолидираше својата моќ со распуштање на парламентот, во кој доминираше Енахда, и со разрешување на Мешичи од премиерската функција - потези кои опозицијата ги нарече „државен удар“.

Овие чекори доведоа до создавање на ново, значително ослабено законодавно тело.

Саид, поранешен професор по право, подоцна организираше уставен референдум на кој му беа доделени пошироки овластувања, а во октомври минатата година доби втор претседателски мандат. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан