Левица предлага измени на Законот за работни односи за надомест на патните трошоци на работниците
- Политичката партија Левица до Собранието ќе поднесе предлог за измени на Законот за работни односи за надомест на патните трошоци на работниците.

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) - Политичката партија Левица до Собранието ќе поднесе предлог за измени на Законот за работни односи за надомест на патните трошоци на работниците.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција во Собранието нагласи дека со измени во Законот за работни односи, нивната партија предлага да се врати ова право на работниците кога наместо да биде во нивните раце е оставено на волјата на работодавците. Потенцира дека со оваа иницијатива сакаат да ги стимулираат работодавците да организираат превоз, затоа што, како што рече, во сегашната форма во Законот се вели дека работодавецот може но не и мора да организира превоз.
-Со години гледаме како пратениците во оваа Собрание си наплаќаат патни трошоци за фиктивни релации, за патарини, за амортизации на нивните возила. Додека тие ги полнат џебовите со народни пари, илјадници работници низ државава сами ги покриваат своите трошоци за да стигнат на работа или да обезбедат леб за своите семејства. Практично, ако има за пратениците, ќе има и за работниците. Во овој момент, Законот за работни односи не го предвидува ова, а тој од 2005 година ги признаваше овие надоместоци со тоа што нивната висина беше утврдена со општиот Колективен договор. Овие одредби со Законот за изменување на Законот за работни односи од 2008 година го тргнаа од законското решение. Дополнително, во ситуација во која висината на синдикалната кошница постојано расте, а трошоците за транспорт во едно домаќинство минатата година во просек се движело од 7 до 8 проценти од семејниот буџет. Тоа јасно укажува дека нашите работници огромен дел од својот буџет го трошат токму за патни трошоци до и од работното место, рече тој.
Мециновиќ потенцира дека тие нудат измени во членот 113 од Законот за работни односи кој вели „доколку превоз до и од работното место не е организирано од страна на работодавачот, работникот има право на надомест на трошоци по истата формула која ја понудивме за пратениците 6,5 литри реална цена на гориво за секои 100 километри изминати“.
-Ова е мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните во услови кога Владата се иззема од трипартитниот дијалог и кога одбива да ги зголеми платите за време на ценовни шокови за нашите граѓани. Во суштина ова не е прашање на привилегија, туку прашање на праведност помеѓу привилегираните и работниците на чиј товар паѓа целата економска активност, рече тој.
Очекува сите пратеници да го поддржат овој предлог без разлика на нивната партиска припадност.
-Ако се докаже дека нема да гласаат патни трошоци за работниците а не гласаа ограничување на патни трошоците за пратениците, тогаш е јасно е дека нашите пратеници работат само за себе во оваа Собрание, рече Мециновиќ. фф/ев/
Фото: МИА Архива