• сабота, 21 февруари 2026

Левица: Итна и целосна исплата на средствата што ДИК им ги должи на лицата ангажирани во спроведувањето на Локалните избори

Левица: Итна и целосна исплата на средствата што ДИК им ги должи на лицата ангажирани во спроведувањето на Локалните избори

Скопје, 26 јануари 2026 (МИА) - Политичката партија Левица најостро го осудува недозволивото доцнење на исплатата на надоместоците за лицата ангажирани во спроведувањето на двата круга од локалните избори, во октомври, односно ноември 2025 година, се наведува во соопштението ан Левица, кое МИА го пренесува интегрално. 

Иако од изборниот процес поминаа речиси три месеци, голем број ангажирани лица сè уште не ги добиле заработените средства, а процесот на исплата, кој се врши преку единиците на локалната самоуправа, во повеќе општини не е ни блиску до завршен.

Левица укажува дека и Државната изборна комисија и локалните администрации покажуваат крајна нетранспарентност во однос на реализацијата на исплатите во многу општини каде што постојат задоцнувања, како и во врска со причините за ваквата состојба. 

Со ова однесување ДИК демонстрира не само административна неодговорност туку и дрско непочитување на трудот на илјадници лица, кои професионално и одговорно го спроведоа изборниот процес.

Да потсетиме дека висината на надоместоците за изборни ангажмани остана иста како и за претседателските и парламентарните избори, во мај 2024 година, без никакво усогласување со инфлаторниот раст на животните трошоци во меѓувреме. Тоа значи дека ангажираните лица реално работеа за помал износ, што ја покажува системската негрижа кон оние што го обезбедуваат изборниот процес.

Левица бара итна и целосна исплата на сите средства што ДИК им ги должи на лицата ангажирани во спроведувањето на локалните избори, јавно објавување на податоците за реализираните и нереализираните исплати во секоја општина, како и ревидирање на сегашната пракса на исплата преку локалната самоуправа, која се покажува како исклучително неефикасна и нетранспарентна. 

Партијата ќе продолжи да се залага за професионализација, отчетност и правична компензација на сите што непосредно учествуваат во изборните процеси во државата. 

Политичка партија Левица 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан