• сабота, 21 февруари 2026

Левицата: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата

Левицата: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата

Скопје, 23 јануари 2026

Изземајќи се од одговорност, Владата цврсто стои на страна на работодавачите и повеќе од една и пол година, во услови на енормна инфлација, ја држи минималната плата замрзната. Економско-социјалниот совет е окупиран од Стопанската комора и Владата и функционира како подружница на олигархијата, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го пренесува интегрално.

Со немањето слух за барањата на работниците и синдикатите, „третата економија во Европа“ продолжува да го стимулира иселувањето на младите, кое се обидува да го надополни преку увоз на „странски работници“. 

Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки, здравствени услуги и дозволуваат неконтролирана инфлација на основните продукти, сѐ повеќе вработени остануваат на работ на егзистенцијата, а вработувањето никому не му гарантира бегство од сиромаштијата. Третата европска економија остана на дното по износот на минималната плата и остана во категоријата сиромашни држави.

Со самото тоа што Христијан Мицковски и Владата не даваат поддршка за зголемување на минималната плата, јасно е дека буџетската каса е празна, дури и за тековните обврски кон вработените. Отсуството од преговори за минимална плата и нивно префрлање со работодавачите од приватниот сектор е само маска и дефокус од реалната состојба на буџетот, што владејачката ВМРО-ДПМНЕ не само што го испразни она што остана од претходната власт, туку и продолжи со кредитни задолжувања и еврообврзници. 

Поради себичните партиски и бизнис-интереси на десничарската Влада, егзистенцијата на работниците е доведена во прашање. Левицата бара итно и неодложно зголемување на минималната плата во согласност со барањата на работниците затоа што тоа е единствената алатка што гарантира егзистенција на обичниот човек.

ПП Левица

Фотои: МИА архива
 

Остани поврзан