Левицата: Брутална партизација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
- Ја информираме јавноста дека на утрешната пленарна седница при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пратеничката група на Левица ќе гласа ПРОТИВ предлогот поради бруталната партизација на оваа институција и тоа со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед, кадар предложен од „Вреди“, аминуван од ДПМНЕ, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го објавува интегрално.
Скопје, 27 јануари 2026
Ја информираме јавноста дека на утрешната пленарна седница при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пратеничката група на Левицата ќе гласа ПРОТИВ предлогот поради бруталната партизација на оваа институција, и тоа со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед, кадар предложен од „Вреди“, аминуван од ДПМНЕ, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го објавува интегрално.
Станува збор за кандидат што не ги исполнува законските услови за избор - нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрира елементарно непознавање, дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи, како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи.
И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело што мора да биде стручно, независно и кредибилно бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани.
Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката, иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на „Вреди“ - Изет Меџити!
Со ваквото однесување уште и пред формално да биде избрана таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и „Вреди“.
Ова е класичен пример за институционално заробување - органот што треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните се претвора во партиска филијала, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, се инсталираат политички послушници, без основно познавање на материјата, со што директно се загрозуваат правната сигурност и заштитата на граѓаните.
Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата што треба да бидат автономни.
Левица