Леброн Џејмс продолжува да руши рекорди
- Легендата Леброн Џејмс го собори сопствениот рекорд играјќи на НБА Ол-стар натпреварот по 21-ви пат по ред, по избор на навивачите. Грчкиот кошаркар на Милвоки Бакс, Јанис Антетокунмпо, стана деветтиот кошаркар кој го освоил гласот на навивачите, објавија американските медиуми.

Лос Анџелес, 24 јануари 2025 (МИА) - Легендата Леброн Џејмс го собори сопствениот рекорд играјќи на НБА Ол-стар натпреварот по 21-ви пат по ред, по избор на навивачите. Грчкиот кошаркар на Милвоки Бакс, Јанис Антетокунмпо, стана деветтиот кошаркар кој го освоил гласот на навивачите, објавија американските медиуми.
Покрај Антетокунмпо, другите стартери во натпреварот ќе бидат Џејлен Брунсон од Њујорк Никс, Донован Мичел од Кливленд, Џејсон Тејтум од Бостон и Карл-Ентони Таунс во Источната конференција.
Стеф Кари од Голден Стејт и водечкиот стрелец во НБА, Шаи Гилгеус-Александер беа избрани за Западната конференција, како и Кевин Дурент од Феникс Санс и Никола Јокиќ од Денвер, заедно со Леброн Џејмс.
Ѕвездите беа избрани по гласање во кое 50 отсто од гласовите беа од навивачите, 25% од панелот на новинари и 25% од сегашните играчи.
За Ол-стар натпреварот ќе има уште 14 играчи, кои ќе бидат избрани по гласањето на тренерите на НБА. Ростерот официјално ќе биде објавен на 30 јануари, а Ол-стар натпреварот ќе се одржи на 16 февруари во Сан Франциско.
Меѓу кандидатите за резерви се Виктор Вембањама од Сан Антонио, Ентони Дејвис од Лос Анџелес Лејкерс, Ентони Едвардс од Минесота, Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг од Далас, МВП на последниот Ол-стар натпревар Демијан Лилард од Милвоки, Тајлер Хироу на Мајами, Треј Јанг од Атланта и ЛаМело Бол од Шарлот.
Ова ќе биде првиот Ол-стар натпревар во нов формат од три натпревари. 24-те играчи ќе бидат поделени во три тима од по 8, а за нивниот избор се одговорни поранешните НБА ѕвезди Шекил О'Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит.
Овие три тима ќе влезат на турнир со четири тима, а четвртиот тим ќе биде составен од дебитанти и НБА играчи кои се втора година во НБА, односно ѕвезди во подем. Ќе има две полуфиналиња, а победниците ќе играат во финалето. Форматот ќе биде краток и ќе победи првиот што ќе достигне 40 поени.
Тренерот на Оклахома Сити, Марк Дајно и помошник од неговиот штаб ќе предводат две од екипите, додека другите две ќе ги предводи тренерот на Кливленд, Кени Аткинсон и неговиот помошник. дс
Фото: Архива