• четврток, 04 декември 2025

Лазар Бараков за МИА: Актер се раѓа, не се учи!

Лазар Бараков за МИА: Актер се раѓа, не се учи!

Скопје, 4 декември 2025 (МИА)

Бранка Д.НАЈДОВСКА

 

Лазар Бараков (с. Мокрино, Струмичко, 1954 година), актерот чие лице е добро познато на генерации гледачи. Иако најчесто го поврзуваме со омилениот ТВ серијал „Македонски народни приказни“ (уште од 1988 година), каде што неговите интерпретации станаа дел од нашата колективна културна меморија, неговото портфолио опфаќа повеќе од триесетина улоги на филм, телевизија и театар. Со препознатлива енергија, природна харизма и голема посветеност кон занаетот, Бараков одамна си го обезбеди местото меѓу најзабележливите актери на современата македонска сцена.

Еден од најпознатите ликови од ТВ екраните зборува за работата на „Македонските народни приказни“, на што ги учи своите деца и дека Академијата за драмски уметности е за да се откопа богатството, багажот во меморијата на веќе родениот актер, а дека всушност, „за вистинскиот актер нема тешка или лесна улога, голема или мала“.

Повеќе од дваесет и пет години, вие сте бевте од заштитните ликови на ТВ серијалот „Македонски народни приказни“. Која приказна или лик ви беа најзабавни или најомилени за снимање и зошто?

Чест беше да се игра и да се постане еден препознатлив лик во веќе легендарните „Македонски народни приказни“ на чело со Ѓорѓи Колозов и по Цепенковите Зборници на приказни, народни умотворби и архаичниот македонски јазик! Која улога да ја издвојам како најомилена, кога сите одиграни, големи и мали, од приказните оставиле секоја за себе посебен белег, впечаток кај сите гледачи од седум до седумдесет и седум години… Тоа е исто како една мајка или татко, од дузина чеда да побарате кое чедо ќе го издвои, кога секое со себе носи нешто свое - богатство, што носи богатство.

Улогите, драгите ликови се многу, репликите се многу ... Не се пет, шест, десет, сто... тие се преку седумстотини приказни, ТВ-драми, филмови и по некоја театарска претстава. Сите ликови оживеани се од мојата меморија. Интересно беше кога еден познат новинар ми кажа дека дете од предшколска возраст има желба да биде глумец и да игра стражар, заптија како мене.

Постојат ли сцени од „Македонски народни приказни“ што се импровизирани и не биле првично во сценариото?

Сите одиграни улоги, воскреснати ликови се излезени од мојот фундус и оживеани на целулоидната лента. Сето тоа се ликови кои се доловени од народот од разна литература, сликани од моите сензори, од мојата опсервација: „Како да го одвојам од батакчиите?“ Патрикот од Приказната од Сељаник (Солун) со репликата „алиста поликала“, што значи на нашки „навистина многу добро“, или Ѓаволот од „Жената што го пукнала ѓаволот“ или безброј реплики кога минувајќи по улица ми ги цитираат минувачи... Како вујко ми Бараков од Мокрино, кој само „на воздух живее“ и „чајот му бил мрсен“ - реплика измислена спонтано од Колозов кога се надмудруваат со Ванчо кој е поголем каскатија и шпараџија во „Каскатиите“ , па на крај мене ме прогласија како поголем и каскатија и шпараџија и’ од нив (кој сега во дејствителност нема ни две скршени банки во џебот, што е вистина), или во „Скржавиот ерген”, реплика измислена-додадена во сценариото од Ванчо, стар ерген многу скржав, не сака да се жени оти жена му ќе му прави арч, кој ќе се жени под услов, жена му леб да не јаде, а и свадба отпаѓа, без свадба, оти вујко му Бараков трипати се женел, а ни еднаш свадба не направил…

Што мислите дека најмногу им недостига на младите актери кај нас? 

Актер се раѓа, не се учи. Академијата е да се откопа богатството, багажот во меморијата на веќе родениот актер. За вистинскиот актер нема тешка или лесна улога, голема или мала. Секоја си носи свој багаж, работа, подготовка, време да ја најдеш во својот фундус, да ја расониш и оживееш... 

Кој е моментот од кариерата на којшто сте најгорд?

Секако дека гордост ми е што станав препознатлив и омилен лик меѓу народот. Не верував кога Колозов и Димитрија Денки Павловски, главен сценарист од МРТВ, кога ме поканија да учествувам во МНП, и ме убедуваа дека ќе бидам многу попопуларен со приказните, отколку со дотогаш снимените филмови по Србија, Бугарија па и во Македонија… Не е се’ розово во мојот живот! Имам забранет филм, веќе со децении гние во фундусот на МРТВ! Филм што не им се допаѓа на никоја досега владејачка структура - си ја имаат мувата на капата – во којшто е отворено раскажана корупцијата, ароганцијата,  уште од времето на бившата Југо-камарила, а која продолжува и денес. 

Имате три деца. На што ги учите?

Имам две ќерки и син. Сите се расштркани по светот. Ги учам да си го чуваат здравјето со посна, растителна храна. Заради грев, да го избегнуваат месото. Ги учам на чесност и пред се, на скромност.

Фото: ФБ пробил на Бараков / принтскрин Јутјуб

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан