Куманово ќе отвора автопазар, можност за приходи за ЈП „Пазаришта“ и за креирање регионален центар
- Советот на Општина Куманово даде согласност за измените и дополнувањата на ценовникот на услуги на ЈП „Пазаришта“, со што официјално се отвора можноста за воспоставување автопазар во просторот на поранешниот добиточен пазар, соопштија денеска од претпријатието
Куманово, 23 јануари 2025 (МИА) - Советот на Општина Куманово даде согласност за измените и дополнувањата на ценовникот на услуги на ЈП „Пазаришта“, со што официјално се отвора можноста за воспоставување автопазар во просторот на поранешниот добиточен пазар, соопштија денеска од претпријатието. Идејата, според раководството на претпријатието, има за цел да донесе нови финансиски приливи, но и да воведе поголем ред во продажбата на возила во градот.

Директорот на ЈП „Пазаришта“ Суад Зејнулаху образложи дека иницијативата произлегла од интерната анализа и теренско истражување на претпријатието, како и од контакти со препродавачи на возила. Според него, Куманово како една од најголемите општини по население и со значајна гравитација од околните рурални средини има потенцијал да развие ваков тип пазар, особено за време на викендите и во летните месеци кога во градот престојуваат иселеници.
-Автопазарот е предвидено да функционира во сабота, на веќе асфалтиран простор кај добиточниот пазар, кој во моментов не се користи поради забрана од Агенцијата за храна и ветеринарство. Претпријатието нема да презема одговорност за чување на возилата, тие ќе се оставаат на лична одговорност на сопствениците, а договорите ќе ја регулираат меѓусебната обврзаност, рече Зејнулаху.

Со предложените измени во предвидено е мотоцикли и електрични возила, дневно да плаќаат, 150 денари, патнички возила 250, приколки и трактори 300, комбиња – 350, камиони до 2 тони – 400 и камиони над 2 тони – 500 денари. Предвиден е и попуст.
Дел од советниците ја поддржаа иницијативата, но укажаа дека дневната цена за подолгорочно паркирање е висока и предложија воведување месечни пакети од 1.000 до 1.500 денари. Според нив, тоа би ги мотивирало продавачите кои моментално ги оставаат возилата по булеварите и тротоарите особено на „Октомвриска револуција“ да се префрлат на организиран простор, со што би се ослободиле јавните површини и би се подобрил сообраќајниот ред.
Во дискусијата беше отворена и можноста слободните денови на просторот да се искористат за кванташки пазар на големо за земјоделски производи. Советниците посочија дека тоа би помогнало во справување со дивите продавачи кои моментално продаваат од камиони по улиците, создавајќи нелојална конкуренција, сообраќаен хаос и комунален неред. Раководството на претпријатието ја прифати иницијативата и најави дополнителна анализа.
Директорот посочи дека предлозите ќе се разгледаат, прво на управен одбор, нагласувајќи дека просторот може да прими од 200 до 300 возила и дека очекувањето е оваа активност да придонесе за стабилизирање на финансиската состојба на претпријатието.
Сепак, жителите на Долно Којнаре велат дека не се задоволни од функционирањето на пазарот за стари работи и очекуваат дополнителен метеж и од најавениот авто-пазар. Тие побараа да бидат вклучени во носењето на одлуката, редовно да се чисти просторот.ам/вј/
Фото: МИА