Кремљ: Сè уште нема конкретни детали за евентуална средба Путин - Трамп
- Кремљ денеска соопшти дека има заеднички договор за потребата од средба помеѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, но оти сè уште не се прецизирани детали

Москва, 21 февруари 2025 (МИА) – Кремљ денеска соопшти дека има заеднички договор за потребата од средба помеѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, но оти сè уште не се прецизирани детали.
- Има желба од страна на двајцата претседатели и има инструкции оваа средба да се организира на таков начин што ќе биде што е можно попродуктивна. Сите детали ќе бидат разјаснети во текот на подготовките, посочи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој повтори дека Путин е отворен за преговори за крај на конфликтот.
- Ние имаме свои цели поврзани со националната безбедност, со нашите национални интереси и подготвени сме да ги постигнеме овие цели преку мирни преговори, посочи Песков.
Тој ги демантираше наводите на „Фајненшл тајмс“ дека на разговорите во Ријад, Русија побарала повлекување на силите на НАТО од Источна Европа.
По средбата во Саудиска Арабија, Трамп изјави дека најверојатно ќе се сретне со Путин кон крајот на месецот. Додека Путин вчера изјави дека средбата треба внимателно да се подготви, за да се постигнат резултати.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека евентуалната средба помеѓу Трамп и Путин во голем степен ќе зависи од тоа дали може да се постигне напредок за ставање крај на војната во Украина и оти претседателот на САД сака да знае дали неговиот руски колега сериозно се однесува кон тоа прашање. ми/
фото: МИА архива