• сабота, 16 мај 2026

Крводарителска акција во болницата во Куманово

Крводарителска акција во болницата во Куманово

Куманово, 12 мај 2026 (МИА) - По повод 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, денеска во Куманово беше организирана крводарителска акција, а здравствените работници порачаа дека сестринството останува една од најхуманите професии и столб на здравствениот систем. Акцијата ја организираа Pover Team во соработка со Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, Општа болница Куманово и Црвен крст.

– Сестринството е една од најхуманите професии. Оваа професија ги обединува разумот, душата и срцето. Медицинските сестри секојдневно се посветуваат на пациентите, создаваат доверба и придонесуваат за полесно оздравување – изјави главниот медицински техничар, Владимир Симоновски.

Тој посочи дека менаџментот на болницата,  работи на подобрување на условите во установата преку едукација на персоналот, подобрување на хигиенските услови, реновирање и просторно уредување. Во болницата има 190 сестри, дел дипломирани, дел со средно. Од тимот нагласија дека се потребни близу 50-тина нови сестри.

– Очекуваме нови вработувања во текот на оваа година, со цел да се приближиме до светските стандарди и да обезбедиме уште поквалитетна грижа за пациентите – додаде Симоновски.

Елена Гелевска од Pover Team, која е дипломирана акушерка и лидер на тимот, изјави дека годинава за првпат организирале ваква хуманитарна акција.

– Под мотото „Не можеме да ги спасиме сите, но можеме да спасиме некого“ организиравме крводарителска акција и одзивот е навистина голем. Имаме крводарители од повеќе градови во државата, а поддршка добиваме и од пријатели од соседна Србија – рече Гелевска.

Таа упати благодарност до менаџерскиот тим на болницата, Здружението на медицински сестри и Црвениот крст за поддршката во реализацијата на настанот. ам/вј/

 

Остани поврзан