Кошаркарките на Крива Паланка испишана историја - градоначалникот Митовски организираше свечен прием на шампионскиот тим на КК Крива Паланка
- Градоначалникот на Општина Крива Паланка,Сашко Митовски, организираше свечен прием во чест на кошаркарките од Кошаркарски клуб Крива Паланка, стручниот штаб и претставниците на клубот, по повод историскиот спортски успех и освоената шампионска титула во сениорската женска кошаркарска лига при КФСМ.
Крива Паланка, 13 мај 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка,Сашко Митовски, организираше свечен прием во чест на кошаркарките од Кошаркарски клуб Крива Паланка, стручниот штаб и претставниците на клубот, по повод историскиот спортски успех и освоената шампионска титула во сениорската женска кошаркарска лига при КФСМ.
На 10 мај, недела, кошаркарките, рече тој, испишаа спортска историја за градот, освојувајќи ја шампионската титула во сениорска конкуренција за првпат во една деценија натпреварување во прволигашкото друштво и две децении постоење.
Во финалната серија, со голема борбеност, дисциплина и тимска игра, тие ја совладаа екипата на ЖКК "Бадел 1862" со резултат 3:1, при што клучната победа беше извојувана на гостински терен во Скопје. Приемот, се посочува, беше организиран како израз на благодарност и почит кон постигнатиот успех, кој претставува значаен спортски и општествен момент за Крива Паланка.
Градоначалникот упати честитки до кошаркарките, стручниот штаб и клубот, истакнувајќи дека нивниот успех е гордост за целиот град и потврда дека посветената работа, дисциплината и тимскиот дух носат врвни резултати.
-Овој успех претставува силна инспирација за младите генерации и дополнителен поттик за развој и унапредување на спортот во општината. Општина Крива Паланка останува посветена на континуирана поддршка на младите спортисти и спортските клубови, како значаен сегмент во развојот на заедницата, рече Митовски.
Претседателот на КК Крива Паланка, Ведран Белешковски, му врачи еден од историските златни медали во знак на благодарност и почит за континуираната поддршка што ја има клубот низ годините и од страна на градоначалникот, од општината, како и од останатите општествени чинители во заедницата.
Белешковски се заблагодари посебно до сите физички и правни лица кои повеќе од една деценија се дел од главните поддржувачи на клубот, без кои, рече, клубот не би бил на врвот и не би бил она што е денес.
Тренерот на КК Крива Паланка, Виктор Петровски, кој се запиша во историјата на македонската женска сениорска кошарка како најмлад тренер освојувач на шампионската титула, исто така се заблагодари на општината, градоначалникот и до сите паланчани и поддржувачи од државата кои, рече, дишеа, живееја заедно со тимот, беа шести играч и им дадоа дополнителна сила кога беше најпотребно.
-Навистина сум горд на овие девојки, оваа титула му ја посветувам на градот Крива Паланка. Оваа титула е награда за целиот труд, карактер што оваа екипа ги вложуваше во текот на целата сезона.Сезона која беше доста тешка за девојките, со играње на два фронта, но тоа во WABA2 лигата ни донесе огромно искуство како екипа. Игравме против квалитетни противници, растевме од натпревар во натпревар и покажавме дека можеме да се носиме со силни екипи. Посебна благодарност до моите играчи, кои цела сезона се жртвуваа и се откажаа од многу работи за да стигнеме до ова што го постигнавме. На секој тренинг и натпревар беа максимално посветени, даваа и повеќе од 1000% од себе и токму затоа овој успех е целосно заслужен. Најголемата сила на овој тим беше тоа што функциониравме како едно големо семејство – со доверба, поддршка и борба една за друга до самиот крај, а такво големо семејство во кое ја имавме поддршката и ветрот во грб од локалната заедница и сите поддржувачи, спонзори, донатори, помагатели, навистина верувам дека во иднина, допрва ќе го има својот збор во кошарката на национално и регионално ниво, рече Петровски. иб/вг/
Фото: општина Крива Паланка