Кос: Усвоените закони ја ограничуваат независноста на судството во Србија, тоа е сериозен чекор назад на европскиот пат
- Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека донесувањето на судските закони во српскиот Парламент, ја ограничуваат независноста на судството, и тоа е сериозен чекор назад на европскиот пат на Србија.
Белград, 28 јануари 2026 (МИА) - Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека донесувањето на судските закони во српскиот Парламент, ја ограничуваат независноста на судството, и тоа е сериозен чекор назад на европскиот пат на Србија.
„Во време кога процесот на проширување е во полн ек, а Црна Гора и Албанија брзо напредуваат, Србија ризикува да се движи во спротивна насока. Ова не е она што го сакаме“, напиша Кос на X.
Пратениците во српскиот Парламент денеска ги усвоија измените на сет судски закони предложени од пратеникот на Српската напредна партија, Угљеша Мрдиќ кои стручната јавност остро ги критикуваше оквалификувајќи ги како „блицкриг“ против судството.
Особено беше истакнато дека со донесувањето на тие судски закони, мандатот на повеќе од половина од обвинителите во Обвинителството за организиран криминал ќе заврши, а постапките што ги водат ќе бидат успорени или опструирани.
Синдикатот на вработените во судството денеска ги повика судиите и обвинителите веднаш да стапат во штрајк со цел да ја одбранат независноста на судството и владеењето на правото. зш/мс/