Корепер денеска одново ќе дебатира за опциите за финансирање на Украина
- Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) одново ќе заседава попладнево, откако до доцна синоќа амбасадорите не успеаја да ја убедат Белгија да го поддржи планот за користење замрзнатите руски средства во блокот за исплата на т.н. заем за репарации за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.
Брисел, 16 декември 2025 (МИА) – Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) одново ќе заседава попладнево, откако до доцна синоќа амбасадорите не успеаја да ја убедат Белгија да го поддржи планот за користење замрзнатите руски средства во блокот за исплата на т.н. заем за репарации за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.
Состанокот првично требаше да се одржи во неделата, но на предлог на Данското претседателство беше одложен за синоќа, со цел, како што беше образложено, да се остави дополнително време на дипломатските напори за постигнување на договор за обезбедување на 210 милијарди евра за финансирањето на Украина.
Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства во ЕУ или околу 185 милијарди евра, бара гаранции дека нема сама да се соочи со последиците и ризиците од планот за заемот за репарации, доколку се соочи со судски спор покренат од Москва или ако биде потребно враќање на овие средства на Русија.
Според најновиот документ што циркулира меѓу амбасадорите од Корепер, се предвидува на Белгија да и бидат обезбедени средства за покривање на сите трошоци од евентуални правни постапки или мерки покренати од страна на Москва, да добие финансиски гаранции од секоја од земјите членки на ЕУ поединечно и дека руските средства нема да бидат користени сè додека не се воспостават овие гаранции.
Сепак, според бриселските медиуми, кои се повикуваат на дипломатски извори, белгиската делегација оценила дека овие гаранции „сè уште не се доволни“. Истите извори посочиле дека Белгија тврди оти ѝ се потребни посилни гаранции дека нема да биде оставена сама ако се најде изложена на несразмерни ризици.
Од друга страна, белгиските претставници за порталот „Политико“ изјавиле дека секој досегашен обид да се надмине загриженоста на Белгија бил бесмислен и дека засега таа нема да се согласи на користење на руските средствата што се чуваат змрзнати во бриселската клириншка куќа „Еуроклир“.
Во прилог на противењето на Белгија оди и анкетата на јавното мислење спроведена од Ипсос, која покажува дека 67 отсто од Белгијците се против планот за користење на замрзнатите руски средства.
Поддршка на ставот на Белгија изрази и потпретседателката на Европскиот парламент и поранешна белгиска техничка премиерка Софи Вилмес, која предупреди дека Белгија не треба да се принудува да го прифати она, што другите земји самите не би го прифатиле.
Инаку, белгиските резерви ги поддржаа и Италија, Малта, Бугарија и Чешка, а се очекува на предлогот да се спротивстават и Унгарија и Словачка.
Вчера високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изјави дека во однос на условите за финансирање на Украина на маса се различни опции
- Најверодостојната опција е заемот за репарации и работиме на тоа. Сè уште не сме стигнале до целта и е сè потешко, но работиме и имаме уште неколку дена, рече Калас.
Таа додаде иако против заемот за репарации има „различен притисок од различни страни“, но дека сепак таа опција е многу поприфатлива во споредба со другите.
- Заемот за репарации врз основа на замрзнатите руски средства, значи дека парите не доаѓаат од нашите даночни обврзници. Со тоа, исто така, се испраќа јасен сигнал дека ако направите штета на друга земја, мора да платите за тоа, додаде Калас.
Портпаролот на ЕК за економија и буџет Балаж Ујвари, пак, изјави дека во пресрет на Самитот на ЕУ в четврток, во рамки на Унијата продолжуваат размените на мислења и дискусиите по двете можни опции за обезбедување на финансиска поддршка на Украина што Европската комисија ги предложи на 3 декември, изјави денеска.
- Изнесовме две фундаментални решенија за да го обезбедиме потребното финансирање на Украина во следните две години. Едното од овие решенија би можело да се базира на заедничко задолжување на пазарот на капитал, а второто решение би се базирало на замрзнатите руски суверени средства во ЕУ, рече Ујвари.
Сепак, дипломати се оптимисти дека на крајот ќе биде постигнат договор за заемот за репарации, но дека само е прашање на време кога ќе се случи тоа. Дел од нив за бриселските медиуми оцениле дека сето ова е само „политички театар“ до Самитот на ЕУ, кога, според нив, европските лидери ќе постигнат договор и со тоа ќе ја преземат одговорноста и заслугите за успехот. сп/сд/
Фото; МИА Архива