Концерт на квинтетот „СаксКлар“ во МКИЦ-Софија
- Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија концерт одржа квинтетот „СаксКлар“ кој, како што наведува Центарот во соопштение, „понуди доживување што го надмина концепт на камерна музика, претворајќи го моментот во жив акустички простор, исполнет со топлина, боја и колективна енергија“.
Скопје, 7 декември 2025 (МИА) - Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија концерт одржа квинтетот „СаксКлар“ кој, како што наведува Центарот во соопштение, „понуди доживување што го надмина концепт на камерна музика, претворајќи го моментот во жив акустички простор, исполнет со топлина, боја и колективна енергија“.
На концертната програмата биле дела од Моцарт, Бах, Гершвин, Барток, Бела Ковач, а на крајот од музичката вечер настапил Горан Алачки на хармоника.
-„СаксКлар“ не се само петмина музичари, туку тие се организам што совршено пулсира: Стојан Димов, Нинослав Димов, Горан Трајковски, Григори Ангелов и Ѓорѓи Димовски ја претворија музичката линија во живо ткиво, создавајќи звук кој истовремено беше кристално јасен и мек, длабок и лесен, структурно прецизен и емоционално слободен ... Виртуозот Горан Алачки со својата хармоника внесе уште една димензија во звучниот пејзаж. Хармониката се слеа со саксофоните со изненадувачка чистота - како отсекогаш да ѝ припаѓала на оваа текстура ... Публиката со право го награди ансамблот со долг, топол аплауз, препознавајќи дека беше дел од вечер што не само што нуди врвна музика, туку создава емоции, атмосфера и незаборавни моменти, соопшти МКИЦ-Софија.

Концертот го отворил директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, а пред публиката се обратила и македонската амбасадорка Агнеза Руси-Поповска.
Центарот на крајот од концертот доделил благодарници „Мостови на културата“ по повод 20-годишнината од Македонскиот КИЦ во Софија, како што наведува - симболична потврда на исклучителниот придонес на „СаксКлар“ во претставувањето и афирмацијата на македонската култура надвор од земјата“. хс/
Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија