• вторник, 10 март 2026

Саем на книгата во „Охрид мол“ од 13 до 15 март

Саем на книгата во „Охрид мол“ од 13 до 15 март

Охрид, 10 март 2026 (МИА) – Од 12 до 15 март во новоотворениот „Охрид мол“ ќе се одржува Саем на книгата, со понуда на изданија на неколку издавачки куќи како и на Националната установа библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

За времетраењето на саемското преотставување посетителите ќе имаат можност да најдат голем избор на книги, по саемски намалени цени, но и да присуствуваат на средби и промоции со локални автори како дел од културната програма.

Како што беше истакнато на одржаната прес-конференција по повод настанот, саемот е резултат на воспоставената соработка на „Охрид мол“ со охридската Библиотека. Притоа беше посочено дека веќе е договорен уште еден заеднички настан во една од кафетериите на „Охрид мол“, предвиден за 19 март кога по повод 21 Март - Светскиот ден на поезијата. Во периодот од 10 до 13 часот ќе се одржи традиционалната манифестација „Напиши стих – купи кафе“. Библиотеката авторите трите најдобри стихови ќе ги награди со книги.

Инаку, покрај издавачките куќи од земјата на Саемот на книгата на сопствен штанд ќе се претстави и Библиотеката „Григор Прличев“ со понуда на книги од сопствена издавачка продукција, како и книги за продажба добиени од Министерството за култура и туризам.

- Се работи за дела од капиталните едиции: 130 тома македонска книжевност ( на македонски и англиски јазик) , Ѕвездите на светската книжевност,  Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа и други. Ние како установа од четврток до сабота во Охрид Мол ќе органзираме и три промоции на најнови дела од нашите роднокрајни автори: Мирко Томовски, Емилија Карафилоска и Марина Шикова - Димовска. Авторите во молот ќе имаат и дружба со читателите и ќе ги потпишуваат купените книги“, рече директорката на Библиотеката Христина Трпеска.

Зборувајќи за активностите на Библиотеката изминатата година, Трпеска посочи дека установата реализирала над 30 проекти како дел од Годишната програма за работа финансирана од страна на Министерството за култура и туризам.

- Библиотеката за оваа 2026 година во Министерството за култура и туризам конкурираше  со рекордни 45 нови проекти во библиотечната, издавачката и меѓународната дејност, фестивалите, секторот за инвестиции и за првпат во секторот за евроинтеграции. За прв пат годинава влегуваме во редот на институциите од културата кои имаат делигиран буџет...Одобрени се 28 проекти од кои дури 25 се од основната библиотечна дејност и по еден во областа на меѓународната соработка, издавачката дејност и инвестии. Проектите ќе се финансираат со над 1,8 милиони денари од буџетот на ресорното Министерство за култура и туризам. Сами ќе треба домаќински да ги распределиме средствата за проектите кои ќе сметаме дека ни се приоритет за реазлиција и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување кај нас... рече директорката Трпеска. аб/дма/

Фото: Библиотека „Григор Прличев“

 

Остани поврзан