Концерт на камерниот оркестар „Профундис“ со виолончелистот Петар Пејчиќ
- Камерниот оркестар „Профундис“ вечер од 20 часот ќе има концерт во Македонската филхармонија, на кој како солист ќе настапи српскиот виолончелист Петар Пејчиќ, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ. Концертот го организира НУ „Охридско лето“ во рамки на оф-програмата на фестивалот, која годинава првпат се претставува пред скопската публика.
Скопје, 29 ноември 2025 (МИА) - Камерниот оркестар „Профундис“ вечер од 20 часот ќе има концерт во Македонската филхармонија, на кој како солист ќе настапи српскиот виолончелист Петар Пејчиќ, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ. Концертот го организира НУ „Охридско лето“ во рамки на оф-програмата на фестивалот, која годинава првпат се претставува пред скопската публика.
-Концертот ќе се одржи во препознатливата candlelight атмосфера, под светлината на илјадници свеќи – амбиент кој ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство. Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот, соопшти организаторот на концертот.
Диригентката на „Профундис“, Ѓурѓица Дашиќ, изјави дека е чест што „Охридско лето“ токму на „Профундис“ му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје.
-Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива, вели Дашиќ.
Ексклузивен гостин-солист на концертот на овој камерен оркестар е Петар Пејчиќ од Србија, еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
-Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ги спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски и неговите рококо варијации – создавајќи заедно музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight амбиент. Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена, најави „Охридско лето“. хс/вј/
Фото: НУ „Охридско лето“