Конститутивна седница на Координативното тело за одбележување на 80 години од кодификација на македонскиот литературен јазик
- Во Порта Македонија денеска се одржа конститутивен состанок на Координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Во Порта Македонија денеска се одржа конститутивен состанок на Координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на состанокот напомена дека со ова се означува почетокот на подготовките за одбележување на многу важен и значаен јубилеј за нашата земја и за нашиот народ.
-Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка, сигурен сум дека ќе создадеме програма што ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја промовира неговата современа употреба, рече Љутков.
Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, Љутков на состанокот потенцирал дека нивната задача е да организираат настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време.
-Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години, нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации, рече Љутков.
Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите сфери на животот. бт/аа/
Фото: Министерство за култура и туризам