• петок, 20 февруари 2026

Командирот на ППЕ Кочани: Гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, но без вентил

Командирот на ППЕ Кочани: Гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, но без вентил

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Командирот на противпожарната едница во Кочани, Драган Апостолов, на денешното судење за „Пулс“ рече дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2.47 часот за пожар во дискотеката по што ги известил и ги повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од противпожарните единици од Виница, Штип, Свети Николе и од Пробиштип за да помогнат во гаснењето на пожарот.

Целата опрема и вработените од ТППЕ Кочани биле ангажирани и излезени на терен - девет возила, од кои пет теренски и навални возила и три џипа со помала носивост на вода, како и едено командно возило „лада нива“.

- По пристигнувањето во 2.55 часот, веднаш се упатив во објектот. Од влезната врата само излегуваше чад. Огнот беше распламтен внатре, гореа плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца што бараа помош. Со опрема и кислород влегов внатре во објектот, каде што веќе имаше колеги со кои почнале да извлекуваат лица. Некои од колегите истовремено извлекуваа, а другите со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не нè пеплоса огнот сите, додека другите извлекуваа лица - изјави појасни Апостолов.

Најмногу повредени и починати лица имало во претходникот пред влезната врата, кој, како што посочи, не бил поголем од три-четри метри. Од ходникот десно била билетарницата, а лево тоалетот.

- Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих, по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница. За надвор - не знам, цело време бев внатре - рече Апостолов.

Внатре во дискотеката било зачадено и многу топло нагласувајќи дека и со заштитна опрема, иако не се допрел до огнот, добил изгореници и плускавци на рацете и главата.

- Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени ПП-апарати од девет килограми - рече сведокот.

Интервенцијата завршила околу 4-4.30 часот кога пожарот бил локализиран.

- По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме - изјави Апостолов.

Гаснењето на пожарот, како што појасни сведокот, било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата.

- Кога јас ја видов таа врата, мој колега веќе од таму дејствуваше и го гаснеше огнот. Дали била отворена или претходно разбиена - не знам - изјави Апостолов нагласувајќи дека пред вратата немало ниту повредни ниту изгорени и дека целото случување било пред главната врата.

За денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани уште четворица сведоци.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.аа/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан