• среда, 25 март 2026

Кампања „Еднакви можности секој ден“ во Делчево во пресрет на 8 Март

Кампања „Еднакви можности секој ден“ во Делчево во пресрет на 8 Март

Делчево, 5 март 2026 (МИА) - Со порака дека 8 Март не е само ден за честитки, туку потсетник дека еднаквите можности се темел на праведно и силно општество, Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Делчево и Општина Делчево ја спроведуваат кампањата „Еднакви можности секој ден“ во пресрет на Меѓународен ден на жената – 8 Март.

Целта на кампањата е да испрати јасна порака дека родовата еднаквост не треба да биде тема само по повод празникот, туку вредност која се живее и применува секојдневно – во институциите, на работното место, во образованието и во семејството.

– Еднаквоста не е привилегија, туку право и таа се практикува не еден ден, туку секој ден, посочуваат организаторите на кампањата.

Како дел од активностите за поинакво одбележување на 8 Март, Комисијата и Општина Делчево ќе организираат акција за засадување цвеќиња со цел разубавување на дел од градскиот парк пред Спомен-дом АСНОМ.

Во акцијата е предвидено да учествуваат членки на Комисијата за еднакви можности, координаторките за еднакви можности од Општина Делчево, советнички, раководителки, работнички, како и претставнички на граѓанскиот сектор и на месните и урбаните заедници.

Во рамки на настанот, во соработка со Организацијата ЖЕНА, ќе бидат поделени и информативни флаери за значењето на еднаквите можности во градењето здраво и праведно општество.

Со кампањата „Еднакви можности секој ден“ организаторите упатуваат порака дека родовата еднаквост е заедничка одговорност и вредност која треба да се негува и унапредува во секојдневниот живот. вс/вј/

Фото: Општина Делчево
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан