Кампања „16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство“ – промоција на книгата „Азбука на семејното насилство“
- Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права и во рамките на националната кампања „16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство“, денеска во Јавната општинска установа библиотека „Искра“ во Кочани се одржа промоција на книгата „Азбука на семејното насилство“ од авторките проф. д-р Наташа Георгиева и проф. д-р Мирјана Јовановска Стојановска.
Кочани, 9 декември 2025 (МИА) - Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права и во рамките на националната кампања „16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство“, денеска во Јавната општинска установа библиотека „Искра“ во Кочани се одржа промоција на книгата „Азбука на семејното насилство“ од авторките проф. д-р Наташа Георгиева и проф. д-р Мирјана Јовановска Стојановска.
Настанот го отвори директорката Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, а делото го претстави Магдалена Кочовска Салтирова, библиотекар од „Искра“.
– Систематското и аналитичкото работење во областа на семејното насилство од страна на авторките резултирало со стручен материјал со богата теоретска основа базирана на научни истражувања, надополнета и со студии на случаи. Освен опис и структура на проблематиката на семејното насилство, во книгата „Азбука на семејното насилство“ се понудени и начините како тоа да се спречи. Книгата претставува лексикон со богато дефинирани поими од областа семејно насилство, што ја прави значајно четиво и за релевантните субјекти од областа, но и за секој поединец што сака да истражува и да се информира – рече во својата промотивна реч Кочовска Салтирова.
За искуството при создавањето на книгата и за сегменти од опишани случаи на семејно насилство говореа авторките Георгиева и Јовановска Стојановска.
Како дел од овој настан беше промовирана и изложбата на цртежи на тема „Помеѓу сенката и силата“ подготвена од Марина Арсова. ис/вј/
Фото: МИА