• среда, 10 декември 2025

Камбовски: Судскиот совет дава поддршка на барањата на синдикатите, се чека одговор од Министерството за финансии

Камбовски: Судскиот совет дава поддршка на барањата на синдикатите, се чека одговор од Министерството за финансии

Скопје, 10 декември 2025 (МИА) – Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, по денешната средба со претставници на синдикатите на државната и судската администрација, изјави дека Советот ја разбира сериозноста на проблемите со кои се соочуваат судските службеници и ќе продолжи да се залага за нивно решавање.

-Имавме многу конструктивен состанок на кој им дадовме поддршка во нивните барања. Ги разбираме нивните проблеми, бидејќи повеќето од членовите на Советот доаѓаат од судови и знаат под каков притисок функционираат службениците, особено во големите судови надвор од Скопје, истакна Камбовски на промоцијата на софтверот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи и Вишиот управен суд.

Тој нагласи дека Судскиот совет веќе побарал од Министерството за финансии да одобри пренамена на средства за исплата на додатоците на плата, кои се обезбедени, но се наоѓаат на друга буџетска потсметка.

-Барањето е испратено пред две недели, но за жал сè уште немаме одговор, ниту позитивен, ниту негативен. Очекуваме Министерството да реагира, бидејќи средствата постојат, додаде Камбовски.

Синдикатите претходно побараа итна исплата на додатоците, регрес за годишен одмор, пополнување на испразнетите работни места и донесување на Законот за судска служба. бк/вг/

фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан