Калас: Секој договор склучен „зад грбот“ на Украина е осуден на неуспех
- Договор за мир во Украина кој би бил постигнат без вклученост на Киев и Европа е однапред осуден на неуспех, предупреди денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Кaja Калас.

Брисел, 13 февруари 2025 (МИА) - Договор за мир во Украина кој би бил постигнат без вклученост на Киев и Европа е однапред осуден на неуспех, предупреди денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Кaja Калас.
- Ниту еден договор постигнат зад нашиот грб нема да функционира. Украина и Европа мора да бидат активни учесници во секој мировен процес, изјави Калас пред новинарите при пристигнувањето во седиштето на НАТО.
Според неа, секое брзо решение би било „валкан договор“, потсетувајќи на спогодбите од Минск, потпишани пред десет години, кои требаше да донесат прекин на огнот во Украина, но постојано беа прекршувани сè до почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Калас ја критикуваше стратегијата на „cмирување“ na Москва, споредувајќи ја со ситуацијата во Чехословачка пред Втората светска војна.
- Ако бараме историски паралели, мораме да се сетиме на 1938 година, изјави таа, алудирајќи на Минхенскиот договор, со кој западните сили му дозволија на Хитлер да анектира дел од Чехословачка.
Критики упати и кон поранешниот американски претседател Доналд Трамп, поставувајќи прашање: „Зошто ѝ даваме на Русија сè што бара уште пред да почнат преговорите?“
Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека украинското членство во НАТО по евентуален мировен договор „не е реалистично“, како и враќањето на границите од 2014 година. ссм/
фото: ДПА