• сабота, 22 февруари 2025

Калас: Одвојувањето на Балтикот од руската енергетска мрежа го елиминира просторот на Москва за енергетска уцена

Калас: Одвојувањето на Балтикот од руската енергетска мрежа го елиминира просторот на Москва за енергетска уцена

Брисел, 7 февруари 2025 (МИА) - Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го поздрави планираното одвојување на балтичките земји од руската електроенергетска мрежа во текот на претстојниот викенд, со оценка дека со овој чекор на Москва и се одзема простор за „енергетска уцена“.

„Русија повеќе не може да ја користи енергијата како алатка за уцена“, наведе денеска на мрежата Х Калас, која е поранешна премиерка на Естонија.

„Ова е победа на демократијата“, додаде таа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други високи личности се очекуваат на церемонијата во Вилнус во недела, каде со часовник висок девет метри ќе се одбројуваат последните секунди од поврзувањето на балтичките земји со електрична енергија со Русија.

Литванија, Летонија и Естонија се подготвуваат утре да се исклучат од руската електрична мрежа, со што дефинитивно ќе ги прекинат енергетските врски со Москва од советската ера.

По 24 часа работа во независен, „островски режим“, балтичкиот електричен систем ќе биде поврзан со континентално-европската и нордиската мрежа преку Финска, Шведска и Полска.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан