Казахстан ќе се приклучи кон Договорите од Авраам, симболичен чекор за поддршка на иницијативата на Трамп
- Приклучувањето, објавено синоќа, е во голема мера симболично, бидејќи Казахстан одржува дипломатски односи со Израел од 1992 година и географски е многу подалеку од Израел во споредба со другите земји членки на Договорите – Бахреин, Мароко, Судан и Обединетите Арапски Емирати.
Вашингтон, 7 ноември 2025 (МИА) - Казахстан ќе се приклучи кон Договорите од Авраам (Abraham Accords), кои ги нормализираат односите меѓу Израел и арапските и муслиманските земји. Овој потег е насочен кон поддршка на иницијативата која стана симбол на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
Приклучувањето, објавено синоќа, е во голема мера симболично, бидејќи Казахстан одржува дипломатски односи со Израел од 1992 година и географски е многу подалеку од Израел во споредба со другите земји членки на Договорите – Бахреин, Мароко, Судан и Обединетите Арапски Емирати.
Споменатите земји се согласија да ги нормализираат односите со Израел како резултат на нивното приклучување кон Договорите, нешто што Казахстан го направи набргу по стекнувањето независност по распадот на поранешниот Советски Сојуз.
Трамп го објави приклучувањето на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, пишувајќи дека имал „одличен разговор со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев“.
„Казахстан е првата земја од мојот втор мандат што се приклучува кон Договорите од Авраам, прва од многуте други“, објави Трамп, нарекувајќи го приклучувањето „голем чекор напред во градењето мостови низ целиот свет“.
„Сè повеќе земји се редат во редот за да го прифатат мирот и просперитетот преку моите Договори од Авраам“, додаде тој.
Трамп наведе дека наскоро ќе се одржи церемонија на потпишување за да се официјализира приклучувањето, додавајќи дека „има многу други земји кои се обидуваат да се приклучат на овој клуб на СИЛАТА“.
„Нè очекува уште многу во обединувањето на земјите за стабилност и раст – реален напредок, реални резултати“, напиша американскиот претседател, заклучувајќи со: „БЛАЖЕНИ СЕ МИРОТВОРЦИТЕ!“.
Републиканецот оваа изјава ја даде непосредно пред почетокот на Самитот што го одржа со лидерите на пет централноазиски држави, вклучувајќи го и Казахстан. ссм/
фото: принтскрин