ИФО: Во Германија има помала побарувачка за квалификувани работници поради послабата економија
- Во најновиот извештај на Институтот за економски истражувања (ИФО) од Минхен се наведува дека во Германија во моментов има помала побарувачка за квалификувани работници поради послабата економска ситуација во земјата

Берлин, 17 февруари 2025 (МИА) – Во најновиот извештај на Институтот за економски истражувања (ИФО) од Минхен се наведува дека во Германија во моментов има помала побарувачка за квалификувани работници поради послабата економска ситуација во земјата.
Приближно 28,3 отсто од германските компании пријавиле недостиг на квалификувана работна сила, што е намалување од 31,9 проценти во октомври минатата година.
Во некои сектори сè уште има изразен недостиг од квалификувана работна сила. Во услужниот сектор, приближно 35,1 отсто од фирмите имаат проблеми да најдат квалификувани работници, а овој процент е особено висок во правните и даночните советувања (75 отсто), во агенциите за вработување и привремено вработување (62 проценти) и во услугите за сместување (42 отсто).
Според ИФО, околу 18 проценти од компаниите во германската индустрија сè уште не можат да најдат доволно квалификувани работници, а ситуацијата е особено сериозна во прехранбената индустрија, каде овој процент е 27 отсто, во машинската индустрија 23, а кај производителите на мебел 23 проценти.
- Недостигот од квалификувани работници продолжува да се чувствува во малопродажбата и градежништвото, каде што нешто повеќе од една петтина од компаниите пријавуваат тешкотии при пополнување на квалификувани позиции, се наведува во извештајот на ИФО. ми/
фото: МИА архива