Италијанскиот режисер Фодаи за МИА: Сакам да ја зголемам соработката со македонските актери и млади
- Teatro S’Arza е независна театарска компанија, која создава пред се, оригинални продукции, но и фестивали, како интернационалниот фестивал за истражувачки театар „Isola dei Teatri“ во Сасари, Сардинија. На првиот човек на овој театар, Романо Фодаи, кој повеќе пати на Фестивалот претставил и наши уметници, пораката до новите генерации е: „ако навистина заборавиш кој си и од каде доаѓаш, сигурно ќе изгубиш нешто многу важно од себеси: ќе станеш само лист оставен на ветрот“
Скопје, 15 ноември 2025, (МИА)
Бранка Д. НАЈДОВСКА
Појавувањето на Teatro S’Arza на културната сцена на Сардинија пред повеќе од 40 години не само што го збогати уметничкиот живот на овој италијански остров, туку и го поврза со пошироки италијански и меѓународни артистички мрежи. Театарот со комбинирањето на физичкиот театар, гестот, музиката и визуелните ефекти, продолжува да остава силен сценски печат.
Сето тоа под раководство на Романо Фодаи (1956 ), италијански театарски режисер и драматург, кој од 1978 година работи активно во театарот, а од 1989 година е режисер и уметнички директор на компанијата Teatro S’Arza во Сасари, Сардинија.
Фодаи работи на сценски форми кои вклучуваат традиција (локални и сардски мотиви), со современи теми, како сеќавање, културни разлики и граници, миграции, екологија... (активен е и со деца и млади: изведби на театарски продукции за семејства, програми за деца), неговото студио и компанија често ја истражуваат културната и историската компонента на Сардинија.
Teatro S’Arza е независна театарска компанија, која создава пред се, оригинални продукции, но и фестивали, како интернационалниот фестивал за истражувачки театар „Isola dei Teatri“ („Островот на театарот“), на кој чести гости се и уметници од Северна Македонија.
Што беше причината да го посветите вашиот живот на театарот?
-Театарот ми е одговор на потребата да ја соопштам мојата сензибилност за социјалните и внатрешни прашања и проблеми.
Како започна Teatro S’Arza и каква улога игра во културниот пејзаж на Сардинија денес?
-Започна како движење на млади луѓе кои ги испитуваа својствата на креативниот простор и реалните комуникации во отуѓеното општество. Сега театарот С’Арца е веќе историска група во истражувањето на театарскиот израз и идентитетот.

Основачите на Театро С’Арца: Стефано Петрето, Франческо Петрето, Романо Фодаи и Паола Деси
Многу од вашите дела „копаат“ по меморијата и самоперцепцијата. Што ве привлекува кон овие теми?
-Глобалната идеја да се израмни целосно однесувањето на луѓето во музиката и храната со цел да се добијат пари, а во исто време да се уништат сите разлики. Бранењето на идентитетот значи бранење на себеси од овие порамнувања, од таа омологација.
Како балансирате помеѓу традицијата и иновацијата во вашата сценска режија?
-Беше многу природно да го направам тоа, бидејќи сум модерен производ на ова општество и едноставно го применив моето современо знаење проучувајќи ги традициите, со многу почит и на сериозен начин, во почетните ќелии на театарот, особено во карневалот.
Што значи за вас „сардинијски театар“ во современ европски контекст?
-Многу е важно да се борите против порамнувањата/омологацијата. Да ја браните историјата, песните, танците, античките градби на вашата земја, кои ве паметат, да не заборавите кој сте и од каде доаѓате.
Како ги вклучувате помладите генерации во зачувувањето на културното наследство на Сардинија?
-Помладите се многу привлечени од модерната технологија, па така, мора да научите истата да ја користите и да ја проучувате нивната култура. Треба да ги разберете нивните „амбиции“ да станат новите „нови богати“, што ги мотивира за да заработат повеќе пари... Потоа, меѓу тие нивни интереси, да им се вметне она дека, ако навистина заборавиш кој си и од каде доаѓаш, сигурно ќе изгубиш нешто многу важно од себеси: ќе станеш само лист оставен на ветрот.
Можете ли да го опишете вашиот креативен процес?
-Идејата мора да биде важна за да се развие во можно решение за сегашните проблеми. Потоа ги проучувате нејзините автори или нешто што веќе е проучувано или развиено околу оваа идеја во сегашноста или минатото. Кога вашиот идеен проект е појасен, можете да го споделите со актерите. Од интеракциите со нив се раѓаат импровизации, текст, опции за мизансцен. Секако, откако режисерот ќе „исчисти“ и создаде нешто поетско и кохерентно во драматуршка смисла.

Фодаи со Весна Димитровска Бобевски и дел од штитениците од драмското студио „Словото“ од Велес
Што ви оставило најголем впечаток во презентирањето на сардинијските приказни пред пошироката публика?
-Првата претстава што ја однесов во Германија (Берлин и Келн), беше навистина неверојатна за германската публика. Тие беа искрено воодушевени од нашите древни приказни кои раскажуваа вечни вистини.
Како ја гледате иднината на театарот во еден сè повеќе дигитален свет?
-Театарот е милениумска уметност која отсекогаш опстојувала. Театарот е внатре во човекот, а не надвор. Тоа е повисока уметност каде што човекот се користи себеси за комуникација. Општеството секогаш ќе има потреба од жива комуникација. Театарот е жив начин на комуникација, тоа не функционира во видео.

Театро С’Арза е независна театарска компанија, која создава пред се, оригинални продукции
Конечно, која порака би сакале да ја споделите со младите луѓе кои сонуваат да работат во сценските уметности?
-Тие мора да имаат потреба да го прават тоа. Ттреба да имаат длабока мотивација за да жртвуваат време за тоа и да работат дисциплинирано и доследно.
Каква е вашата соработка со македонските културни институции?
Многу добра и повеќегодишна. Сега сакам да ја зголемам со вклучување на повеќе македонски актери и млади во наставата во соработка со Весна Димитровска Бобевски од драмското студио „Словото“ од Велес. бдн/дј