Студија: Европа треба годишно да инвестира околу 250 милијарди евра во одбраната за да може да ја осигура безбедноста без поддршка од САД
- Европа треба годишно да инвестира околу 250 милијарди евра во одбраната за да може да ја осигура својата безбедност без поддршка од САД, сума што Европската унија би можела да ја обезбеди, со оглед на нејзината економска сила, се вели во денеска објавена студија.

Берлин, 21 февруари 2025 (МИА) - Европа треба годишно да инвестира околу 250 милијарди евра во одбраната за да може да ја осигура својата безбедност без поддршка од САД, сума што Европската унија би можела да ја обезбеди, со оглед на нејзината економска сила, се вели во денеска објавена студија.
Во студијата на Истражувачкиот институт Бругел и германскиот Институт за светска економија Киел се наведува дека овие издвојувања, што се еквивалентни на 1,5 отсто од бруто домашниот производ, ќе и овозможат на Европа да мобилизира околу 300.000 војници.
Студијата повика на поблиска координација и заеднички набавки од страна на земјите-членки, истакнувајќи дека и покрај финансиските средства од ЕУ, координацијата на одбраната во рамките на континентот останува главен предизвик меѓу националните вооружени сили. Повеќето европски земји се под зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголемат воените капацитети, додека неговиот секретар за одбрана Пит Хегсет минатата недела ја предупреди Европа да не ја третира Америка како „наивна“ со тоа што ќе ја направи одговорна за сопствената одбрана.
Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, кој е фаворит за германски канцелар на парламентарните избори што ќе се одржат на 23 февруари, вчера предупреди дека постои сомнеж за идното присуство на Вашингтон во НАТО, додека американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц им даде рок на сите членки на НАТО до јуни оваа година целосно да ја исполнат целта на трошоците за одбрана од два отсто од домашниот производ.
Студијата на Бругел и Киел сугерираше дека половина од зголемувањето на европските трошоци за одбрана на четири проценти од БДП годишно може да се финансира од заедничкиот европски долг и да се користи за заеднички набавки, додека остатокот може да се покрие на ниво на секоја земја-членка.
Во студијата се наведува дека Москва значително ги зголемила своите воени капацитети од почетокот на војната во Украина, вклучително и значително зголемување на производството на тенкови и оклопни возила. Се покажа дека на Европа ќе и бидат потребни 1.400 нови тенкови и 2.000 борбени возила за 50 дополнителни бригади, бројка што ќе ги надмине сегашните залихи на целокупните германски, француски, италијански и британски копнени сили. „Во економска смисла, ова е изводливо... Ова е многу помалку отколку кога имаше мобилизација за надминување на кризата за време на пандемијата Ковид“, рече коавторот на студијата Гунтрам Волф. рп/
Фото: МИА архива