Ирскиот огранок на белгиската групација „Медијахаус“ поднесе тужба против Икс за измами
- Компанијата-ќерка на белгиската медиумска групација „Медијахаус“ во Ирска, „Медијахаус Ајрланд“ поднесе тужба против социјалната мрежа Икс за измами со кои одредени информации се дизајнираат на тој начин што на корисниците им се прикажуваат како вистински новинарски написи, со што, според тужителот, се руши угледот и се кршат авторските права на издавачите.

Брисел, 19 февруари 2025 (МИА) - Компанијата-ќерка на белгиската медиумска групација „Медијахаус“ во Ирска, „Медијахаус Ајрланд“ поднесе тужба против социјалната мрежа Икс за измами со кои одредени информации се дизајнираат на тој начин што на корисниците им се прикажуваат како вистински новинарски написи, со што, според тужителот, се руши угледот и се кршат авторските права на издавачите.
Според тужбата покрената пред суд во Ирска, реклами објавени на Икс содржеле линкови до фиктивни написи со логото на весникот „Ајриш Индепендент“ и со потпис на еден од неговите новинари.
- Бевме принудени да покренеме постапка поради повторното одбивање на Икс да преземе соодветни мерки за да спречи објавување и промовирање на лажни реклами од страна на корисниците на неговата платформа, соопшти „Медијахаус Ајрланд“, додавајќи дека овие реклами често вклучуваат и познати ирски јавни личности.
Сомнежите за вакви злоупотреби се и дел од формалната постапка на Европската комисија против Икс, поврзана со непочитување на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА).
Правилата за онлајн рекламирање им забрануваат на платформите објавување на лажни и измамнички содржини и бараат од нив да преземате мерки за нивно отстранување.
„Медијахаус Ајрланд“ е најголема медиумска групација во Ирска и Северна Ирска, која ги поседува весниците „Ајриш Индепендент“, „Сандеј Индепендент“, „Сандеј Ворлд“, „Хералд“, „Белфаст Телеграф“ и „Сандеј Лајф“.
Нејзината компанија-мајка „Медијахаус“, чие седиште е во белгискиот град Антверпен, покрај во Ирска, свои ограноци има и во Белгија, Германија, Луксембург и Холандија.
Меѓу медиумите во сопственост на „Медијахаус“ се и бриселскиот портал „Еурактив“, белгиските весници „Стандард“ и „Хет Њузсблад“, германските „Ахенер Цајтунг“ и „Ахенер Нахрихтен“, луксембуршкиот „Луксембургер Ворт“, холандските „Телеграф“ и „Ханделсблад“, како и повеќе локални весници, телевизии и радија во Белгија, Ирска и Холандија. сп/
Фото: МИА Архива