• сабота, 16 мај 2026

Интензивирањето на меѓупарламентарната соработка со Швајцарија во фокус на работната посета на собраниската делегација во Берн

Интензивирањето на меѓупарламентарната соработка со Швајцарија во фокус на работната посета на собраниската делегација во Берн

Скопје, 11 мај 2026 (МИА) - Интензивирањето на меѓупарламентарната соработка, размената на искуства и континуираната швајцарска поддршка за реформските и демократските процеси во земјава беа во фокусот на разговорите за време на работната посета на собраниска делегација предводена од претседателот Африм Гаши во Швајцарската Конфедерација.

Како што соопштуваат од Собранието, во рамки на работната посета на Берн, Швајцарска Конфедерација, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, заедно со парламентарната делегација, оствари средби со претседателот на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација, Пјер-Андре Паж, како и со раководството на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

- На средбата со претседателот Паж беше изразено заедничко задоволство од одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете земји, како и подготвеност за нивно натамошно унапредување. Соговорниците ја истакнаа важноста од интензивирање на меѓупарламентарната соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, со цел зајакнување на парламентарните капацитети и демократските процеси. Претседателот Гаши ја нагласи значајната и континуирана поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на Република Северна Македонија во реформските и евроинтегративните процеси - стои во соопштението од Собранието.

На средбата со раководството на SDC, на која од швајцарска страна присуствуваа амбасадорот Кристијан Фрутигер, помошник-генералниот директор и раководител на Одделот за тематска соработка, и Северин Донет-Дескарт, раководител на Секторот за Источна Европа, како што дополнуваат, била потенцирана долгогодишната и значајна швајцарска поддршка за демократскиот развој, институционалното јакнење и реформските процеси во Република Северна Македонија.

- Посебен акцент во разговорите беше ставен на Програмата за парламентарна поддршка (PSP), имплементиран од НДИ, која беше оценета како исклучително важен сегмент од стратешкото партнерство меѓу Собранието и Швајцарската Конфедерација. Истакнат беше придонесот на програмата во развојот на Парламентарниот институт, зајакнувањето на административните и истражувачките капацитети, унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на Собранието, како и поддршката на процесите на дигитализација и модернизација на парламентарното работење - дополнуваат оттаму.

Соговорниците ја потврдиле заедничката подготвеност за натамошно продлабочување на соработката и продолжување на партнерството во насока на зајакнување на демократските стандарди и институционалните капацитети. ар/дма/


Фото:Собрание 

Остани поврзан