Иницијатива за изменување на Законот за јавно здравје и одржување на Шестиот симпозиум за естетска медицина
- Здружението за естетска медицина ја иницира измената и дополнувањето на Законот за јавно здравје во делот на медицинските процедури поврзани со естетиката. Подносители на измените на законот се три стручни здруженија од оваа област и тоа: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружение за естетска медицина.

Скопје, 11 февруари 2025
Здружението за естетска медицина ја иницира измената и дополнувањето на Законот за јавно здравје во делот на медицинските процедури поврзани со естетиката. Подносители на измените на законот се три стручни здруженија од оваа област и тоа: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружение за естетска медицина. Со предложените измени, ќе се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.
Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во сегментот на неговата застареност и недореченост, што во пракса дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица. Како на пример во член 33 од Законот, под активности со кои се продира под кожа, под иста капа се ставаат тетоважите, пирсингот, акупунктурата и сл., заедно со инјектирање на филери, ласерски процедури, липосукција и други медицински интервенции.
Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, на 22 февруари 2025 година во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество. Овој настан ќе обедини врвни експерти од земјата и регионот, со цел размена на искуства и презентирање на најновите достигнувања во областа на естетската медицина.
„Естетската медицина е медицинска гранка која бара високо ниво на експертиза и стручност. Со предложените измени на Законот за јавно здравје, ќе се заштитат пациентите од несоодветно изведени интервенции и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид медицински процедури. Истовремено, со симпозиумот кој го организираме, создаваме можност за професионален развој и унапредување на оваа медицинска дисциплина“, изјави претседателот на Здружението за естетска медицина.
Здружението за естетска медицина ги повикува сите засегнати страни, медицински професионалци, институции и медиуми да дадат поддршка за оваа иницијатива со цел заштита на јавното здравје и унапредување на професионалните стандарди во естетската медицина.
Претседател,
Виш Науч.Сор. Д-р Игор Пеев
Фото: принтскрин
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.