• сабота, 22 февруари 2025

Израелскиот министер за одбрана побара од војската план за идејата на Трамп за раселување од Газа

Израелскиот министер за одбрана побара од војската план за идејата на Трамп за раселување од Газа

Тел Авив, 6 февруари 2025 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац и нареди на војската да подготви план што ќе им овозможи на жителите на Газа доброволно да ја напуштат палестинската енклава, објави неговиот кабинет.

Во соопштението се вели дека Кац го поздравил „храбриот план на американскиот претседател Доналд Трамп“, кој може да „овозможи голем дел од населението во Газа да оди на различни места низ светот“, пишува „Тајмс оф Израел“.

„Хамас ги користеше жителите на Газа како жив штит и изгради терористичка инфраструктура таму, а сега ги држи како заложници, изнудувајќи им пари користејќи хуманитарна помош и спречувајќи ги да ја напуштат Газа“, се вели во соопштението. Кац рече дека и наредил на армијата да подготви план според кој секој жител на Газа кој сака може да емигрира на кое било место што ќе се согласи да го прифати.

Тој конкретно ги спомна потенцијалните дестинации како што се Шпанија, Ирска, Норвешка и други земји кои изнесоа, како што рече, „лажни обвинувања“ во врска со војната на Израел против Хамас во Газа, тврдејќи дека ако овие држави одбијат да ги примат Палестинците, „нивното лицемерие ќе биде разоткриено“.
Кац ја спомена и Канада, која има „организирана програма за имиграција“ и која „претходно изрази подготвеност да ги прифати жителите на Газа“.

Планот би предвидел излез преку копнени премини, како и „посебни аранжмани“ за поаѓање по морски и воздушен пат, според Тајмс оф Израел.

„На жителите на Газа треба да им се дозволи слобода да заминат и да емигрираат, како што е практика насекаде во светот“, рече Кац.

 Тој додаде дека планот на Трамп може да ги унапреди „плановите за рехабилитација во демилитаризирана Газа што нема да претставува закана во ерата по Хамас, што ќе потрае многу години“. зш/

Остани поврзан