• четврток, 04 декември 2025

Израелската армија изврши прецизен напад во Бејрут против клучен член на Хезболах

Израелската армија изврши прецизен напад во Бејрут против клучен член на Хезболах

Тел Авив, 23 ноември 2025 (МИА) - Израелската армија изврши прецизен напад врз клучен терорист на Хезболах во Бејрут, соопшти војската.

Израелски функционер изјави дека САД биле однапред известени за нападот.

„Аксиос“, сепак, цитираше висок американски функционер кој изјавил дека Вашингтон не бил информиран однапред, туку веднаш по нападот.

Израелската армија не даде дополнителни детали за она што го нарече „прецизен напад“, а Хезболах сè уште не го коментирал инцидентот. Голем облак од чад бил видлив во прометниот кварт Харет Хреик во либанскиот главен град.

Видео кое е широко споделувано на социјалните мрежи покажува десетици луѓе собрани околу местото на нападот, кое изгледало дека е веднаш до зграда.

Нема извештаи за жртви.

Целта на нападот бил Али Табтабаи, второто лице во хиерархијата на Хезболах по генералниот секретар Наим Касем, објавува „Џерусалем пост“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека неговата земја ќе направи „сè што е потребно“ за да спречи зајакнување на милитантното движење Хезболах во Либан и движењето Хамас во Појасот Газа.

-Продолжуваме да го напаѓаме тероризмот на повеќе фронтови, рече тој за време на состанокот на кабинетот.

Во вчерашните израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 21 лице, според Цивилната одбрана контролирана од Хамас, додека Ерусалим тврди дека убиле пет лидери на движењето.

Министерството за здравство на Либан вчера објави дека едно лице е убиено во израелски напад на југот од земјата.

-Оваа недела, израелската армија го нападна Либан и ние ќе продолжиме да правиме сè што е потребно за да го спречиме Хезболах да ја врати својата способност да ни се заканува. Тоа е она што го правиме во Појасот Газа. Откако стапи на сила прекинот на огнот (за прекинот на огнот во Појасот Газа), Хамас го крши и ние дејствуваме соодветно“, рече Нетанјаху.

Тој додаде дека имало неколку обиди од страна на Хамас да навлезе на израелска територија, што Ерусалим „го спречи со голема сила и ги натера (членовите на Хамас) да платат многу висока цена“. мс/са/

фото: МИА архива

Остани поврзан