• сабота, 22 февруари 2025

Израел: Хамас мора да ослободи тројца живи заложници в сабота или војната ќе продолжи

Израел: Хамас мора да ослободи тројца живи заложници в сабота или војната ќе продолжи

Ерусалим, 13 февруари 2025 (МИА) - Израелската влада денеска објави дека палестинскиот Хамас е должен да ослободи тројца живи заложници заробени во Газа в сабота, прецизирајќи дека неговите закани за продолжување на војната против палестинското исламистичко движење се валидни само доколку таа одредба не се почитува.

-Рамката на договорот за прекин на огнот јасно кажува дека терористите на Хамас треба да ослободат тројца живи заложници, рече Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада, во онлајн обраќање до медиумите.

„Ако Хамас не го почитува договорот, ако го прекрши договорот и не ги ослободи нашите заложници... ние веќе ги собравме нашите сили внатре и околу Газа, па ако тие тројца не бидат ослободени, ако Хамас не ги врати нашите заложници до сабота напладне, прекинот на огнот ќе биде прекршен, додаде тој.

Пред изјавата на израелскиот портпарол, а по разговорите со египетските и катарските посредници, Хамас денеска потврди дека се придржува до заложбите за ослободување на заложниците според предвидените рокови, најавувајќи дека в сабота ќе се случи нова размена на израелски заложници во Газа за Палестинците кои се чуваат во израелските затвори.

Израелскиот портпарол во својата изјава ја појасни природата на заканата упатена од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот, откако Хамас го обвини Израел за кршење на условите од договорот за прекин на огнот и најави дека затоа ја одложува „до натамошно известување“ следната рунда ослободување заложници, што според договорот треба да се одржи в сабота.

Нетанјаху потоа изјави дека доколку Хамас не ги ослободи израелските заложници до сабота напладне, прекинот на огнот ќе биде прекршен и дека израелската армија ќе продолжи со интензивните борби додека Хамас не биде дефинитивно поразен. Тој тогаш не прецизираше дали се мисли на сите заложници држени во Газа или малата група што треба да биде ослободена в сабота.

За ова имаше и конфузија бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани дека „ќе го ослободи целиот пекол“ доколку Хамас не ги ослободи сите преостанати израелски заложници од Газа до сабота, иако договорот предвидуваше ослободување на неколку, а не сите одеднаш.

Од почетокот на договорот за прекин на огнот на 19 јануари, 16 израелски заложници и 765 Палестинци се ослободени од израелските затвори. Вкупно, во првата фаза од договорот за прекин на огнот, до почетокот на март, треба да бидат ослободени 33 заложници и 1.900 Палестинци.

Хамас ослободи и пет тајландски заложници надвор од тој договор, но од почетокот на неговата примена. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан