Израел изврши напади врз јужните предградија на Бејрут по ракетен оган од Хезболах
- Израел изврши серија напади врз јужните предградија на Бејрут откако шиитското движење Хезболах соопшти дека истрелало ракети кон северниот дел на Израел, јави ДПА.
Бејрут, 6 март 2026 (МИА) - Израел изврши серија напади врз јужните предградија на Бејрут откако шиитското движење Хезболах соопшти дека истрелало ракети кон северниот дел на Израел, јави ДПА.
Според либанските безбедносни служби, пет лица загинале, а седум биле ранети во израелски напад врз станбена зграда во јужниот либански пристанишен град Сидон. Според истите извори, еден од загинатите најверојатно бил член на Хамас.
Во меѓувреме, густи облаци чад се издигнаа над предградието Дахие, густо населена област која се смета за главно упориште на Хезболах. Малку пред последната серија напади, израелската армија соопшти дека ќе напаѓа инфраструктура на движењето.
Времените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) соопштија дека од понеделникот од Либан кон Израел биле истрелани околу 250 ракети и други проектили. Засега нема информации за жртви на израелска страна.
Според кризиниот штаб на либанската влада, речиси 100.000 луѓе се сместени во привремени засолништа. Реалниот број на раселени лица најверојатно е поголем, бидејќи многу жители се преселиле во други делови на Бејрут или нашле сместување во хотели и изнајмени станови.
Хезболах упати итен апел до жителите на северен Израел да се евакуираат од областите во радиус од пет километри од либанската граница, наведувајќи дека во таа зона се распоредени „воени возила и оклопни транспортери“. Предупредувањето уследи по сличен повик од страна на Израел до жителите на големи делови од Либан. ссм/