• петок, 17 април 2026

На грчкиот остров Лезбос потврдени 17 случаи на шап и лигавка

На грчкиот остров Лезбос потврдени 17 случаи на шап и лигавка

Атина, 27 март 2026 (МИА) - Во сточарски фарми на Лезбос потврдени се четири нови случаи на шап и лигавка, со што вкупниот број се зголеми на 17, а министерот за земјоделство на Грција, Костас Цијарас, денеска е во посета на островот, посета што предизвика реакции кај локалното население и сточарите, кои закажаа протест - јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за земјоделство на Грција за случаите на шап и лигавка на Лезбос информираа дека се следат одредбите на европската регулатива 2020/687 и локалната ветеринарна служба веднаш пристапува кон санитарно усмртување на сите животни во заразените фарми, со цел спречување понатамошно ширење на вирусот.

Дополнително, околу заразените фарми е воспоставена заштитна зона од три километри, каде што се применуваат конкретни мерки, како што се редовни ветеринарни инспекции, забрана за транспорт на животни итн.

- Надлежните ветеринарни служби континуирано ја следат епидемиолошката состојба и ја применуваат целата предвидена регулатива за ограничување на болеста. Строгото почитување на мерките за биолошка безбедност и воведените ограничувања се клучни за заштита на сточниот фонд на Лезбос и спречување понатамошно ширење на шап и лигавка - соопштија од Министерството за земјоделство на Грција.

Во посета на Лезбос денеска е надлежниот министер, кој се очекува да одржи состанок за ситуацијата со шап и лигавка, а паралелно, сточарите, поддржани од локалното население, закажаа протест. ср/ссм/

Фото: АНА-МПА

Остани поврзан