Извидници од Крива Паланка учествуваа на 12-те средби на брѓани од Југоисточна Европа
- Македонски извидници викендов учествуваа на 12-те средби на повозрасни скаути „брѓани" од Југоисточна Европа, чијшто домаќин беше Сојузот на извидници на Црна Гора.
Крива Паланка,15 февруари 2026 (МИА) - Над 150 скаути од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска учествуваа на годинашните средби на брѓани и брѓанки (извидници над 29-годишна возраст) што од 13 до 15 февруари 2026 година се одржаа во Бечичи, Црна Гора.
Македонскиот контингент го сочинуваа 16 извидника, "брѓани" од кои двајца од Извиднички одред „Наум Наумовски - Борче" Крива Паланка и членови на Извидничко-поречански одред „Јадран", Скопје.
-Чест ни беше да бидеме дел од македонскиот контингент што достојно ја презентира нашата земја, со претставување на традицијата, националната кујна со можност за дегустација на специјалитети, градејќи истовремено соработка помеѓу одредите. На годинашните средби како и секоја година успеавме и да реализираме вмрежување, размена на искуства и планирање идни проектни активности на меѓународно ниво, информира Соња Ангеловска, старешина на УО „Н.Н. Борче".
Во рамки на средбите учесниците размениле искуства, а имале прилика и за разгледување на музејот и стариот град Будва.
Домаќин на средбите во 2027 година ќе биде Сојуз на извидници на Србија.ид/лв/
фото: Извиднички одред „Наум Наумовски - Борче" Крива Паланка
.