• петок, 15 мај 2026

Енергетската поврзаност и енергетската безбедност во регионот во фокусот на состанокот во Атина, ќе се институционализира квадрилатералната министерска средба

Енергетската поврзаност и енергетската безбедност во регионот во фокусот на состанокот во Атина, ќе се институционализира квадрилатералната министерска средба

Атина, 15 мај 2026 (МИА) - Проширување на Вертикалниот коридор со нашата земја и Србија, енергетската поврзаност и енергетската безбедност во регионот, како и зајакнување на регионалната соработката, беа во фокусот на првиот квадрилатерален министерски состанок во Атина со учество на надлежните министри од нашата држава, Бугарија, Србија и домаќинот Грција - јави дописничката на МИА од Атина.

Состанокот, прв од ваков тип, се одржа претпладнево во Националниот музеј на современа уметност во Грција на покана на грчкиот министер за енергетика и животна средина Ставрос Папаставру, со учество на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, заменик-министерот за енергетика на Бугарија, Кирил Темелков, заменик-министрите за енергетика на Грција и Србија, а присуствуваа и раководителите на надлежните оператори на системите за пренос на електрична енергија и природен гас од четирите земји.

По состанокот, што траеше околу два часа, министрите ја нагласија важноста и на самата средба, но и на регионалните енергетски проекти, а се согласија да се институционализира квадрилатералната министерска средба, што наизменично ќе се одржува во сите земји, а следниот состанок ќе се биде во септември во Белград. 

Домаќинот на состанокот, министерот за енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, посочи дека „географијата и историјата со децении нè разделуваа, а енергетиката гради мостови на стабилност и соработка“ нагласувајќи дека „со заедничка визија, со план, енергетиката станува сила на конвергенција и просперитет во регионот“.

- Денешната средба на министрите за енергетика на Србија, Грција, Северна Македонија и на Бугарија потврди дека енергетската стабилност и регионалната соработка се приоритет за сите нас. Грција е протагонист во новата европска архитектура со проекти од стратешко значење: инфраструктура, поврзувања, спојување на пазари, Вертикалниот коридор, проекти што ја зајакнуваат безбедноста на снабдувањето, ја зајакнуваат геополитиката стабилност и создаваат услови на развој во регионот. Денеска се согласивме да се прошири Вертикалниот коридор со Северна Македонија и Србија, како и да се институционализира соработката на четирите земји - посочи грчкиот министер. 

Министерката Сања Божиновска рече дека ова е прва средба од ваков тип и е добро што четирите земји заедно разговараат, а сите учесници се согласиле дека „регионалната соработка е многу важна“. 

Додаде дека разговарале за проектите на кои работи секоја од земјите, а во однос на оние на нашата земја ги спомена интерконекторите со соседите. 

- Разговаравме и за уште поголема регионална соработка и се договоривме за следната средба. Мислам дека е одлична можноста што на маса седнавме и разговаравме сите учесници во енергетскиот сектор за секој да може да ги изрази своите интереси, а сите заклучивме дека ни е потребна поголема соработка - порача Божиновска и истакна дека станува збор за добра иницијатива, а четирите земји ќе имаат редовни средби од ваков тип. 

Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ регионалната министерска средба ја карактеризира како „многу добра и продуктивна“ нагласувајќи дека е многу важно „да разговараме за подобрување на нашите интерконекции и поврзаноста во регионот“ и се осврна на интерконекторот со нашата земја за кој рече дека ќе биде завршен до крајот на следната година. 

- Во тек е процесот на обезбедување просторни услови и за интерконекцијата и за северниот дел од мрежата на гасоводи кон градот Врање. Нашиот дел ќе има капацитет од една и пол милијарда кубни метри. Србија планира во наредните години да инвестира 1,2 милијарда евра во инфраструктура за природен гас и во зајакнување на гасоводите што минуваат низ нашата земја, како што е предвидено и во планот „Србија 2030 - 2035“ - посочи министерката. 

Позитивно го коментира состанокот и заменик-министерот за енергетика на Бугарија, Кирил Темелков, кој рече дека имале можност опширно да разговараат за завршувањето на енергетските инфраструктури и интеграцијата на пазарите меѓу земјите.

- Заклучивме дека сите овие држави треба да развијат многу блиски односи и тесно да соработуваат во развојот на нашите енергетски системи бидејќи токму така ќе бидеме многу побезбедни, многу посигурни во меѓусебните односи и ќе обезбедиме сигурност за нашите граѓани - посочи Темелков и додаде дека четирите земји „ќе продолжат интензивно да соработуваат бидејќи тоа е во интерес на граѓаните“.

По состанокот, министрите на четирите земји го посетија терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Ревитуса во близина на Атина.

Во нашата делегација предводена од министерката Божиновска беа и директорот на „Номагас“, генералниот директор на МЕПСО и раководителот на Национален диспечерски центар во МЕПСО. ср/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан