Експертка на ОН вели дека иранските сили извршиле напади во болници за да ги притворат пациентите кои протестирале
- Сато нагласи дека овие дејствија претставуваат сериозно кршење на меѓународното право.
Техеран, 26 јануари 2026 (МИА) - Специјалниот известувач на ОН за Иран, Маи Сато, денеска изјави дека има извештаи од Иран дека безбедносните сили извршиле напади во болници и притвориле пациенти за кои верувале дека учествувале во антивладини протести во земјата.
Сато нагласи дека овие дејствија претставуваат сериозно кршење на меѓународното право.
Во интервју, експертката на ОН, исто така, рече дека добила извештаи дека од семејствата на убиените демонстранти биле побарани суми од 5.000 до 7.000 долари за да ги добијат телата на нивните најблиски.
Според американската иранска новинска агенција „Активисти за човекови права“, бројот на убиени лица за време на антивладините протести во Иран е 5.937, од кои само 214 се припадници на безбедносните сили. Властите во Техеран пријавија 3.117 жртви. Маи Сато изјави дека не може независно да го потврди бројот на жртви, но верува дека е далеку поголем од официјалните бројки.
„Постојат многу извештаи од болничкиот персонал, од различни провинции во Иран, дека безбедносните сили извршиле напади во болници“, рече таа. Медицинскиот персонал во Иран, кој разговараше под услов да остане анонимен, потврди некои од случаите што ги спомена експертката на ОН.
Според неа, ваквите постапки на безбедносните сили ги одвраќаат луѓето од барање медицинска помош од страв од притвор. На овој начин, рече таа, се зголемува ризикот од смрт или влошување на здравјето.
Сато нагласи дека таквото однесување од страна на иранските власти е сериозно кршење на меѓународното право, бидејќи лекарите, болниците и пациентите мора да бидат заштитени за да се обезбеди грижа за повредените, според Женевските конвенции.
Маи Сато, исто така, рече дека невооружени демонстранти во 31 провинција на Иран биле застрелани во градите и главата. Таа нагласи дека ова е неселективна употреба на смртоносна сила од страна на безбедносните сили. Меѓународното право дозволува таква сила само како последно средство и кога се применува пропорционално. „Во овие случаи, ова би претставувало неселективни убиства“, рече таа.
Сато рече дека обидите на иранските власти да ги прикажат демонстрантите како „терористи“ или „бунтовници“ се длабоко проблематични и имаат за цел да го оправдаат бруталното задушување на антивладините демонстрации. мс/
фото: ЕПА архива