• сабота, 22 февруари 2025

ЕК не ги потврдува информациите дека Петер Соренсен ќе биде нов претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина 

ЕК не ги потврдува информациите дека Петер Соренсен ќе биде нов претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина 

Брисел, 20 јануари 2025 (МИА) – Европската комисија денеска одби да ги потврди или негира медиумските извештаи дека поранешниот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, данскиот дипломат Петер Соренсен, ќе го наследи Мирослав Лајчак на местото специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан. 

- Мандатот на специјален претставник на ЕУ Мирослав Лајчак трае до крајот на јануари. Во моментов во тек е процесот на избор на неговиот наследник, па ќе се навратиме на тоа кога ќе имаме повеќе детали, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

Рокот за пријавување за функцијата специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина истече на 3 јануари и според информациите свои кандидатури поднеле Соренсен и поранешниот фински министер за надворешни работи Пека Хаависто. Како можен кандидат се споменуваше и поранешниот словенечки претседател Борут Пахор, но тој не се пријавил на конкурсот. 

Според медиумските извештаи, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, најверојатно за функцијата ќе го избере Соренсен, додека Хаависто би презел должност во Обединетите нации.  

Соренсен има тридецениско работно искуство со Западниот Балкан. Од 1995 до 1996 тој беше политички советник на Набљудувачката мисија на Европската заедница во поранешна Југославија, потоа и правен советник на високиот претставник на меѓународната заедница во Сараево и на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот, како и шеф на Политичкиот оддел и виш советник на претставникот на ОБСЕ во Хрватска.  

Од 2001 до 2002 беше висок советник на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Косово, по што ја презеде должноста заменик-шеф на Одделот за обнова и економски развој на УНМИК. На оваа функција остана до 2006 година, кога беше именуван за личен претставник во Белград на тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, а потоа и на неговата наследничка Кетрин Ештон.  

Во 2010 година беше именуван за шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, а следната година премина на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево и специјален претставник на Унијата за БиХ, функција што ја извршуваше до 2014 година. Од ноември 2014 Соренсен е шеф на Делегацијата на Европската унија при Канцеларијата на Обединетите нации во Женева. 

Конечниот изборот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан мора да биде одобрен од земјите членки на Унијата. сп/

Фото: Делегацијата на ЕУ во Сараево

Остани поврзан