• сабота, 10 јануари 2026

Единаесет восочни фигури во Музејот на ВМРО раскажуваат за дел од историското минато на славното штипско Ново Село

Единаесет восочни фигури во Музејот на ВМРО раскажуваат за дел од историското минато на славното штипско Ново Село

Штип, 10 јануари 2026 (МИА)

Викторија ДИМИТРОВА - ЈОВАНОВА

Градот Штип распослан на ридови и меѓу двете реки Брегалница и Отиња е горд на исторското Ново Село или како што историчарите го нарекуваат Музеј под отворено небо.

Старата штипска населба Ново Село се наоѓа покрај реката Брегалница, во близина e на бањата Кежовица и е влез и излез на градот Штип кон Радовиш и Струмица. Клисурата, топлиот извор Л’џи, куќите со типична староградска архитектура, дел од нив реновирани, портите, калдрмата, црквата „Успение на Пресвета Богородица“, училиштето во кое учителствувале Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров, а сега ректорат на Универзитетот „Гоце Делчев“, сведочат за непокорот на македонскиот народ.

Секоја куќа, црква, камен, во овој стар дел на Штип има своја приказна за некоја позната историска личност родена во Ново Село или поврзано со настани на револуционерите на историското ВМРО, потоа од Втората светска војна, но и од поновата македонска историја.

МИА овојпат ве води во Музејот на ВМРО во Штип и штипско (1893-1934) или познат како Музејот на восочни фигури во штипско Ново Село, кој е отворен пред 11 години, поточно на 20 декември 2014 година.

Низ Музејот на восочни фигури, во кој се изложени и предмети, водич ни е историчарот-кустос во Музеј на град Штип и Заводот за заштита на споменици, Наташа Спирова. Музејот е сместен во поранешната куќа на штипското семејство Андонови, на кои државата им ја има купено за да ја реновира и уреди во Музеј. Во автентичен македонски староградски стил, низ голема дрвена порта се влегува во дворот на објектот. Спирова и нејзините колеги се задолжени на посетителите на Музејот да им објаснат и да ги прошетаат низ одаите, каде што има 12 восочни фигури.

Единаесет восочни фигури се на револуционери од штипско Ново Село, како и на личности кои учителствувале и делувале во периодот од 1893 до 1934 година. Само една од фигурите не е од штипско Ново Село и не е поврзана со историсокото ВМРО, а тоа е восочната фигура на баба Ванѓа, којашто е родена во Ново Село, но во струмичко, а не во штипско.

Нејзината восочна фигура по грешка е порачана и за да не стои сокриена од очите на јавноста, одлучено е и таа да е дел од музејската постапка. 

Во собата на првиот кат, каде што е нејзината восочна фигура, друштво и прават Тодор Лазаров и Дончо Штипјанчето.

Спирова не води на вториот кат, до него се пристигнува по тесни дрвени скали, каде што има голем чардак и се гледа главната улица поплочена со калдрама и куќите.

Од чардакот влегуваме во одаите, каде што се наоѓаат восочните фигури на Тодор Александров, Мише Развигоров, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Иван Михајлов, Владислав Ковачев и Панчо Михајлов.

- Во овој Музеј покрај луѓето, коишто се родени во штипско Ново Село или во Штип, имаме истакнати интелектуалци на организацијата, како што се Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров. Според податоците со коишто располагаме, по формирањето на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година Дамјан Груев доаѓа токму овде во Штип за формирање на мрежата на самата организација, каде што зачленува голем број луѓе, како што се Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Мише Развигоров, Тодор Лазаров кои понатаму работат на каузата за автономија на Македонија. Тие овде доаѓаат во 1894 година, каде што стануваат членови, учители или даскали, коишто работат на ширење на образованието или описменување на народот во тој период, за на тој начин да се подигне свеста кај македонскиот народ за побрзо ослободување на Македонија од Османлиите, објаснува Спирова.

На сликата која е поставена централно во првата одаја е прикажан Гоце Делчев, со дел од неговото семејство, а како што вели Спирова, им објаснува дека „семејството е пред се, но тој работи за идеалите на Македонија, а неговиот вечен сон е да ја види Македонија ослободена од османлиите“.

Според пишани документи во Музејот изложени се восочните фигури на Тодор Лазаров, Тодор Александров, Мише Развигоров, Владислав Ковачев, Панчо Михајлов, Иван Михајлов, кои се родени во славното Ново Село или во штипско.

На прашањето кој бил најучен, наједуциран од овие личности во штипско Ново Село, Спирова вели дека тоа е Владислав Славчо Ковачев.

- Во оваа просторија се наоѓаат најголемите интелектуалци на Македонската револуционерна организација, Владислав Славчо Ковачев, за којшто имаме податок дека уште во тој период, османлискиот, се школувал во Брисел и ја добил титулата доктор на правни науки. За време на неговото дејствување во самата организација, во Пиринскиот дел на Македонија и во Софија работел како адвокат, но и како судија. Исто така во оваа соба се наоѓа еден од интелектуалците на тогашната Македонска револуционерна организација Панчо Михајлов познат како Чардар, којшто е еден од школуваните луѓе и дал голем придонес за развојот на македонската кауза, за самостојна автономна Македонија и е убиен 1924 година, кога биле наредени „Џумајлиски колежи“, а се лишени некаде околу 200 револуционери. Овие двајца млади луѓе, пред се револуционери биле убиено по наредба на Ванчо Михајлов, а убиствата ги извршувал Александар Протогеров или по нивна наредба се убиени околу 200 револуционери на Македонската револуционерна организација, вели Спирова.

Таа додава дека интересно за Ковачев е и што неговиот чичко бил градоначалник на Софија, кој бил интелектуалец, а учителствувал во првото машко егзархиско училиште во Штип и штипско, кое било лоцирано во близина на соборниот храм „Свети Никола“. Сега во Штип на ова место има кружен тек, каде што е поставен споменикот на „Свети Кирил и Методиј“.

Во Музејот има и вредни експонати, документи, фотографии, оружје

Покрај восочните фигури има и експонати, оружје, пишани документи, лични предмети, коишто им припаѓале на самите дејци на организацијата. Најстариот пишан документ е од 21 ноември 1902 година и е расписка, со која во касата на ТМОРО се уплатени 600 грошеви.

- Овде имаме и старо оружје, јатаганот и кубурите, што датираат од Османлиски период некаде на почетокот на 19 век. Оружје кое било користено за време на борбите помеѓу османлиите и македонското население, вели Спирова.

- Покрај историските документи и оружје, Музејот поседува и етнолошки предмети, коишто се сведоци на социјалниот живот на македонскиот народ кон крајот на 19. па се до средината на 20 век. Како најстари експонати што ги имаме во овој Музеј е ковчегот или ковчезите, ги имаме два, како и мелница за кафе, којашто датира од почетокот на 19 век. Овие предмети се донирани на самиот Музеј и се сведоци на животот на македонскиот народ во периодот на 19 век, рече Спирова.

Музејот поседува изложбен простор од 160 метри квадратни, седум засебни простории во кои се поместени впечатливи вредни експонати, фотографии, автенични документи, лични предмети, воена опрема и оружја поврзани со најзначајните личности од овој регион кои биле вклучени во активностите на македонската револуционерна организација од нејзиното основање во Солун 1893 година се до случувањата во Марсеј 1934 година. Автори на поставките се историчарите Зоран Тодоровски, Виолета Ачкоска и Никола Жежов.

Од самото отворање на Музејот во 2014 до 31 декември 2025 година продадени се над 16.000 влезници, за што, вели Спирова, ова е доказ дека го посетуваат ученици, туристи од земјата и странство. Посетителите најмногу се интерисираат и сакаат да ги слушнат приказните и историските факти за Гоце Делчев и Мише Развигоров, кој бил благајник на Македонската револуционерна организација, но и помагал на многу луѓе кои немале достоинствен живот.

Музејот се наоѓа од левата страна по течението на реката Брегалница, од другата страна на улицата има паркинг простор, а по мостот на Брегалница ќе пристигнете и до топлиот извор Л’џи, каде што повозрасните домаќинки се уште на рака ги перат своите алишта. вдј/паг/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан