• вторник, 16 декември 2025

Дури 50 отсто од албанските бизнисмени дале мито за да добијат услуга од администрацијата во Албанија

Дури 50 отсто од албанските бизнисмени дале мито за да добијат услуга од администрацијата во Албанија

Тирана, 16 декември 2025 (МИА) – Дури 50 отсто од бизнисите во Албанија го сметаат поткупот во администрацијата како вообичаена постапка за завршување на одредена работа, што е зголемување за девет отсто во споредба со минатата година.

Во најновиот извештај на Балканскиот барометар се наведува дека во 2024 година, 41 отсто од фирмите пронашле брзи решенија преку поткуп. Но, поткупот што го плаќаат бизнисите на јавната администрација се зголеми за 50 проценти во 2025 година и покрај тоа што поголем број за услугите се поднесуваат преку интернет.

Минатата година, поголем дел од бизнисите отворено „не се согласуваат“ со оваа изјава, додека во 2025 година, уделот на оние кои „целосно не се согласуваат“ или „имаат тенденција да не се согласуваат“ се намалува, што укажува дека слабее отпорот кон нормализација на поткупот.

Анкетата „Барометар“ од 2025 година покажува дека перципираната клима за корупција во односите меѓу бизнисите и администрацијата во Албанија се влошила, бидејќи сè повеќе бизниси го сметаат митото за вообичаен дел од функционирањето на системот.

Во споредба со регионот, Албанија покажува поизразено влошување од 2024 до 2025 година. На регионално ниво, процентот на бизнисмени кои „се согласуваат“ или „целосно се согласуваат“ дека митото е честа појава се зголемува од околу 41 отсто во 2024 година на 47 отсто во 2025 година.

Босна и Херцеговина е лидер во регионот со 67 отсто од бизнисите кои го перципираат поткупот како механизам во справувањето со администрацијата, по што следуваат Црна Гора со 59 проценти и Албанија со 50 отсто. Најниско ниво е забележано во Србија со 30 проценти. За разлика од регионот, каде што зголемувањето на перцепцијата за поткупот е придружено со поизбалансирана распределба на ставовите, во Албанија се забележува посилно поместување кон прифаќање на оваа практика. вт/ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан