Донација во опрема од Турската агенција ТИКА за потребите на Хидробиолошкиот завод во Охрид
- Со поддршка на турскиот народ целосно се реновирани и опремени одделенијата за фито за зоопланктон на Институтот, современ микроскоп со микроскопска камера за потребите на двете одделенија, како и ново теренско возило.
Охрид, 20 декември 2025 (МИА) – Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид присуствуваше на свечената церемонија на примопредавањето на вредната донација од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) за потребите на Јавната национална установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид.
Станува збор за донација во опрема, за која беше истакнато дека не е насочена само кон зајакнување на капацитетите на Институтот, туку претставува инвестиција во науката, во заштитата на природното наследство и во иднината на водните еко-системи.
Со поддршка на турскиот народ целосно се реновирани и опремени одделенијата за фито за зоопланктон на Институтот, современ микроскоп со микроскопска камера за потребите на двете одделенија, како и ново теренско возило.
Претседателката Сиљановска-Давкова во обраќањето пред присутните изрази задоволство што само три месеци кога на одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот била најавена донацијата, денеска веќе ја има својата реализација.

- Оваа донација уште еднаш покажува и докажува дека науката и етиката се неразделни и овој потег на ТИКА го сметам за етички потег. За разбирање што значи науката, не само за вработените, туку и за мене и за сите. Очекувам дека токму преку донацијата на ТИКА од пријателска Турција да се надминат големите проблеми со кои се сочува Хидробиолошкиот завод од Охрид. Вредна донација, вредна инвестиција со која ТИКА уште еднаш докажа на дело голема поддршка, не само на Институтот туку на македонските граѓани и на македонската држава, рече таа изразувајќи уверување и за идни проекти во повеќе области, сето во насока на зацврстување на потврденото пријателство на двете држави и народи.
Директорот на ТИКА, Абдула Ерен, рече дека Агенцијата веќе дваесет години реализира бројни проекти во многу области во Македонија.

- Досега се реализирани над 1300 проекти во повеќе области. Главна цел на тие проекти е зацврстување на постоечките односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, рече тој.
Амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој, изрази уверување дека денешната донација ќе даде придонес во напорите на природните убавини на прекрасната Македонија, особено на Охридското Езеро како светско природно наследство заштитено од УНЕСКО.
- Ние секогаш сме биле на страната на нашиот пријател и сојузник – Северна Македонија, со која споделуваме заеднички историски, културни и човечки врски уште од нејзината независност. Така ќе биде и во иднина...рече амбасадорот Улусој.

Заблагодарувајќи се на вредната донација, директорката на Хидробиолошкиот завод, Орхидеја Тасеска, истакна дека добиената донација е израз на довербата во науката и институциите што се грижат за највредното што го имаме - нашето природно наследство.
- За нас оваа донација претставува нов импулс за натамошна посветена, одговорна и соверемена научна работа. Со донацијата се создаваат услови за уште попрецизни истражувања, подобар мониторинг и поефикасна заштита на Охридското Езеро. Тоа е вложување не само во простор и опрема туку и во знаење, стручност и иднина, рече таа заблагодарувајќи се за вредната донација.
Претходно делегацијата од Турција присуствуваше и на церемонија на врачување на уште една донација. Во употреба беше предаден Здравствениот дом во селото Пласница, целосно реновиран и опремен со средства обезбедни преку Агенцијата ТИКА. аб/лв/
фото/МИА