Нови книги на Издавачката дејност „Свети Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската епархија
- Издавачката дејност „Св.Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската Епархија со седиште во Велес во изминатите неколку месеци, ја збогати својата библиотека со повеќе нови изданија.
Велес, 30 јануари 2026 (МИА) - Издавачката дејност „Св.Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската Епархија со седиште во Велес во изминатите неколку месеци, ја збогати својата библиотека со повеќе нови изданија. Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој е и главен уредник , најновото издание кое излезе од печат е книгата „Светлост од Запад“, кое е двотомно издание за животот и делото на отец Серафим Роуз, еден од највлијателните личности во современото Православие, особено во Западниот свет. Оваа нивно најново двотомно издание е во превод на Никола Цилаков, јазичната редакција е на свештеник Јани Мулев, а насловната корица и ислустрациите во книгата ги изработи зографот Владимир Симеонов.
Како што информира за МИА, Никола Цилаков уредник на оваа издавачка дејност, отец Серафим Роуз е американец преобратен во православната вера и како монах на Руската Задгранична Црква, тој станал познат по своите длабоки духовни книги, строга аскетска мисла и силна одбрана на традиционалното православно учење. Неговото значење е во тоа што им ја приближил православната духовност на луѓето на Запад, инспирирал многу преобраќања во Православие и поттикнал враќање кон сериозен духовен живот, покајание и верност кон црковната традиција.
Цилаков посочи дека се испечати и книгата „Современи атонски подвижници“, која ја преведе студентот на Теолошкиот факултет, Андријан Ѓеорѓиевски, а излегоа од печат и книгите: „Летај високо“, „Свети Теофан Полтавски, духовник на царското семејство“ и „Воскресна преобразба“, кои ги преведе студентот на Теолошкиот факултет, Бране Николов. Пред овие најнови изданија беа испечатени и книгите „Земја близу небото“, која ја преведе магистерот по теологија Александар Ѓеорѓиевски и „Свети Серафим Саровски – пророк на Божјата љубов“, која ја преведе Фросина Маџарова.
Тој информира дека покрај овие веќе издадени наслови, се испечатија и 3 и 4 том од Делата на „Свети Јован Златоуст“, кои во 8 тома ги издадоа по повод признавањето на Автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија.
Воедно покрај печатењето на книгите, посебен дел во нивната издавачка дејност има и издавањето на списанието на Повардарската епархија, „Православна светлина“, кое се печати четири пати годишно: за Велигден, Петровден, Крстовден и Божиќ и се дели бесплатно на верниците, акое годинава влегува во својата јубилејна 20-та година од неговото издавање.
- Продажбата на книгите е на завидно ниво, што особено нѐ радува заради тоа што на нашата просветно - издавачката дејност ѝ посветуваме големо внимание ,потенцира Цилаков.
Вели дека имало голем интерес за нивните книги во рамките на Божиќниот попуст кој заврши неделава.Тој најави и нов попуст на нивните книги како и во изминатите години за време на одржувањето на годишниот Саем на книгата во Скопје, оваа пролет, некаде околу Велигден.
- На годишниот Саем на книгата, на кој секоја година учествуваме со промотивни цени на нашите изданија, овозможуваме продажба на сите изданија по тие промотивни цени и надвор од рамките на Саемот.Сакам да потенцирам дека, овој сегмент од функционирањето на Повардарската Епархија, односно нашата издавачка дејност придонесе и непрестајно носи голем добробит на целиот македонски богољубив народ. Луѓето, читајќи ги содржините на книгите кои ги издаваме списанијата,брошурите, се образуваат со основни сознанија за Православната вера, и воедно наоѓаат практични и советодавни насоки за справување со разни животни предизвици. Затоа и со внимание ги одбираме делата кои ќе се преведуваат и издаваат, потенцира Цилаков.
Додава дека житијата на големите духовни подвижници, кои со својот богоугоден живот станале ореолни светилници во Христа, на многумина им даваат инспирација за водење вистински црковен живот. Во тематски издадените наслови, како: „Православен христијански брак“ и „Еднаш за цел живот“ луѓето можат да пронајдат многу одговори на прашањата за бракот, „Аномалии на родителската љубов“, , нуди непроценливо богатство од совети за родителството. Книгите „Невидлива борба“, „Пастирска помош за душевно болни“ и „Како да ги исчистиме болестите на душата“ нудат одговори на многу прашања кои се однесуваат на душевната состојба на човекот, односно совети како да ги третираме овие состојби.
Воедно и дека преку изданијата на оваа издавачка дејнст на Повардарската Епархија успеаат да ја вратат книгата таму каде што и е местото, во рацете на македонскиот православен верник, а преку неа и во неговото животно поведение и во неговите животни дела.Потенцира дека во тоа, се состои и нивната најголема радост како Издавачка. дејност „Св.Ѓорѓи Полошки“ на Повардарската Епархија.
Инаку книгите може да се најдат во сите храмови низ Повардарската њпархија, а можат да се порачаат и во Издавачката дејност на Повардарската Епархија.ад/
Фото: Повардарска Епархија