Гутереш предупреди на обид за етничко чистење во Појасот Газа
- Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска ќе предупреди на секаков обид за „етничко чистење“ во Појасот Газа, како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој предложи Палестинците да ја напуштаат територијата разурната од војната, изјави портпаролот на ОН.

Њујорк, 5 февруари 2025 (МИА) – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска ќе предупреди на секаков обид за „етничко чистење“ во Појасот Газа, како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој предложи Палестинците да ја напуштаат територијата разурната од војната, изјави портпаролот на ОН.
Во говорот закажан за подоцна денеска во седиштето на светската организација во Њујорк пред Комитетот на ОН за остварување на неотуѓивите права на Палестинците, Гутереш „ќе каже дека потрагата по решенија не смее да го влоши проблемот“, изјави портпаролот Стефан Дижарик.
- Од витално значење е да се остане верен на основите на меѓународното право. Од суштинско значење е да се избегне каква било форма на етничко чистење, додаде Дижарик, цитирајќи го генералниот секретар кој исто така уште еднаш ќе го брани решението за две држави, израелска и палестинска.
На конкретно прашање за плановите на американскиот претседател за Појасот Газа, Дижарик рече дека „секое присилно раселување на населението е еквивалентно на етничко чистење“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера рече дека САД ќе го „преземат“ разурнатиот од војна Појасот Газа откако Палестинците ќе бидат преместени на друго место и дека економски ќе ја развијат окупираната палестинска енклава.
Трамп ова го изјави на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е во посета на САД. јт/
Фото: МИА архива