• петок, 21 февруари 2025

Г20: Кина ја поддржа мировната иницијатива на Трамп за Украина 

Г20: Кина ја поддржа мировната иницијатива на Трамп за Украина 

Јоханесбург, 21 февруари 2025 (МИА) - Кина го поддржа обидот на претседателот на САД Доналд Трамп да постигне договор со Русија за запирање на војната во Украина.

За време на синоќешниот состанок на министрите за надворешни работи на Г-20 во Јужноафриканската Република, САД доби поддршка од кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

- Кина ги поддржува сите напори што водат кон мир (во Украина), вклучително и неодамнешниот консензус постигнат меѓу СAD и Русија, рече Ванг Ји за време на состанокот. - Кина е подготвена да продолжи да игра конструктивна улога во политичкото решение врз основа на потребите на вклучените страни и загриженоста на меѓународната заедница, додаде тој.

Ванг не ја повтори поентата што ја кажа на Минхенската безбедносна конференција минатиот петок дека сите страни вклучени во руско-украинскиот конфликт треба да учествуваат во какви било мировни преговори.

Аналитичарите оценуваат дека Пекинг сака да обезбеди свое место во секое потенцијално спогодбено решение меѓу Трамп и Кремљ, за да не дозволи Русија целосно да излезе од неговото дипломатско влијание.

- Со директниот пристап кон Путин, Трамп ја уништи надежта на Кина дека ќе може да биде клучен фактор во процесот, изјави Руби Осман од Институтот „Тони Блер“.
Сепак, според неа, Пекинг може да се насочи кон учество во евентуална реконструкција и одржување на мирот, со што би добил значајна улога во европската безбедносна архитектура.

Помалку од еден месец по почетокот на вториот мандат, Трамп ја промени досегашната американска политика кон војната, ставајќи крај на кампањата за изолација на Москва. Тој стапи во директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин, а високи американски и руски претставници започнаа разговори, оставајќи го Киев во втор план.

Во средата, Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор“, што предизвика реакции од членките на Г-20 како Австралија, Германија и Обединетото Кралство, кои изразија поддршка за украинскиот лидер. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан