Грција испрати хуманитарна помош за Либан
- Грчките вооружени сили, по соработката и координацијата со надлежните институции (грчко Министерство за надворешни работи и амбасада на Либан во Атина), денеска помогнаа за испраќање хуманитарна помош за Либан, соопштија од Министерството за национална одбрана на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 21 април 2026 (МИА) – Грчките вооружени сили, по соработката и координацијата со надлежните институции (грчко Министерство за надворешни работи и амбасада на Либан во Атина), денеска помогнаа за испраќање хуманитарна помош за Либан, соопштија од Министерството за национална одбрана на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Објаснија дека операцијата била реализирана со транспортен авион на грчкото воено воздухопловство со соодветниот персонал, како и со учество на припадници на Командата за специјални воени операции, а Националниот оперативен центар, континуирано, во реално време го следел испраќањето.

Од грчката амбасада во Либан, преку Икс информираа дека Грција го заврши првиот круг на хуманитарна помош, „доследна на својата улога како столб на стабилноста и солидарноста во Источниот Медитеран, практично ја поддржува Владата и народот на Либан, одговарајќи на Flash Appeal на ОН“.
- Грчката помош вклучува: 300.000 евра во хуманитарниот фонд на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања; 500.000 евра, во соработка со Светската здравствена организација за зајакнување на здравствениот сектор; достава на три тони хуманитарна помош во Бејрут, во соработка со Министерството за национална одбрана. Грција останува цврсто посветена на поддршката на Либан и на заштитата на човечкото достоинство, информираа од амбасадата. ср/ссм/
Фото: Министерство за национална одбрана на Грција