Градоначалникот на Делчево, Гоцевски најави воведување контроли со дронови за навремено откривање и спречување шумски пожари
- Со редовни контроли со дронови на ризичните подрачја, Општина Делчево воведува нов пристап за навремено откривање и спречување шумски пожари, со цел поефикасна заштита на шумите, животната средина и безбедноста на граѓаните.
Делчево, 17 април 2026 (МИА) – Општина Делчево почнува со редовни контроли со дронови на терен како нова мерка за превенција и навремено откривање потенцијални шумски пожари, со цел подобрување на јавната безбедност и заштита на животната средина.
Од Општината информираат дека активностите се реализираат преку Територијалната противпожарна единица Делчево, согласно насоките на Општинскиот штаб за заштита и спасување, а се во рамки на програмските определби на градоначалникот Иван Гоцевски за зачувување и унапредување на шумскиот фонд на територијата на општината.
Со воведувањето на современа дронска технологија, како што посочуваат надлежните, значително ќе се подобри мониторингот на ризичните подрачја и ќе се овозможи побрза и поефикасна реакција на службите на терен.
– Овие активности ќе продолжат и во наредниот период, во координација и соработка со други релевантни институции, со заедничка цел – заштита на шумите, животната средина и безбедноста на граѓаните – информираат од Општина Делчево.
Од локалната самоуправа упатија апел до граѓаните за одговорно однесување и доследно почитување на мерките за заштита од пожари, со цел намалување на ризикот од опожарување на шумите и пасиштата.
Според очекувањата на надлежните, новата практика ќе придонесе за поефикасна борба против пожарите и подобра заштита на природните ресурси во Делчево. вс/рп/
Фото: МИА