Гориво ќе пристигнува од Северна Македонија и од Унгарија, најавува почесниот претседател на Унијата на работодавачи на Србија
- Почесниот претседател на Унијата на работодавачи на Србија, Небојша Атанацковиќ, за РТС изјави дека дел од горивото во државата ќе доаѓа од Северна Македонија, а другиот, најверојатно, поголем дел ќе биде првенствено од Унгарија, каде има голема рафинерија.
Белград, 9 декември 2025 (МИА) - Почесниот претседател на Унијата на работодавачи на Србија, Небојша Атанацковиќ, за РТС изјави дека дел од горивото во државата ќе доаѓа од Северна Македонија, а другиот, најверојатно, поголем дел ќе биде првенствено од Унгарија, каде има голема рафинерија.
„Факторот - посложена испорака, веројатно ќе влијае на зголемувањето на цената, но не треба да се очекува дека бензинот или дизелот купен од друга рафинерија веднаш ќе бидат поскапи од горивото од рафинеријата во Панчево“, истакнува Атанацковиќ.
Ситуацијата со Нафтената индустрија на Србија станува се посложена, оцени вчера министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ. На околу педесет места во Србија има само бензински пумпи на НИС.
Во изминатите денови, многу правни лица пронајдоа или моментално бараат друг добавувач на гориво.
„Сега имаме релативно кратко време да се навикнеме на фактот дека снабдувањето ќе оди преку други канали. Треба да се обидеме да не правиме резерви на гориво бидејќи горивото се уште ќе се доставува преку други линии до бензински пумпи кои нема да бидат НИС“, вели тој.
„Мора да се навикнеме на фактот дека не сме земја што има своја рафинерија, туку ќе имаме снабдување од рафинерија во регионот. Многу земји се во таква ситуација, меѓутоа, со текот на времето ги пронајдоа своите канали за снабдување“, вели почесниот претседател на Синдикатот на работодавачи на Србија. зш/јт/