Горан Ѓорѓиев назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација
- Сојузот на извидниците на Македонија информира дека Горан Ѓорѓиев е назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација. Одлуката е донесена од генералниот секретар на организацијата по конкурентен меѓународен процес на селекција со кандидати од цела Европа и пошироко.
Скопје, 21 јануари 2026 (МИА) - Сојузот на извидниците на Македонија информира дека Горан Ѓорѓиев е назначен за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација. Одлуката е донесена од генералниот секретар на организацијата по конкурентен меѓународен процес на селекција со кандидати од цела Европа и пошироко.
Ѓорѓиев има повеќе од 15 години искуство во стратешко лидерство, организациски развој и младинска работа во извидништвото на национално, регионално и глобално ниво. Од 2019 година работи во Светското извидничко биро, каде што извршувал високи раководни функции, последно како директор за стратешка координација и организациски развој за Европа, поддржувајќи 47 национални извиднички организации.
Неговиот извиднички пат почнува во Извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе, а пред ангажманот на светско ниво, од 2010 до 2018 година, беше генерален секретар на Сојузот на извидниците на Македонија. Во овој период активно учествуваше во организирање национални и меѓународни кампови, натпревари и обуки, како и во менторство на стотици млади извидници и волонтери.
Ѓорѓиев исто така придонесе во развојот на младински политики и граѓанско учество, вклучително и во воспоставувањето на Националниот младински совет на Македонија, и работењето на програми за младинско лидерство, градење капацитети и меѓународна соработка.
Претседателка на Европскиот извиднички комитет, Дијана Слабу, истакнува дека Горан носи богато искуство во стратешко лидерство и организациски развој, со длабоко разбирање на извидништвото на сите нивоа. - Со нетрпение ја очекуваме соработка со него за развојот на извидништвото во Европа - додава таа.
Горан Ѓорѓиев ја презеде новата функција денес (21 јануари 2026 година) и ќе соработува тесно со Европскиот извиднички комитет и светското раководство за зајакнување на поддршката за националните извиднички организации и зголемување на влијанието на извидништвото во Европа. дма/са/
Фото: Сојуз на извидници на Македонија